Паримии во Светиот и Велик Вторник

На шести час

Пророчества Иезекиилева чтение (Езек 1:21–28; 2:1)


Кога се движеа животните, се движеа и тркалата до нив; и кога животните се подигаа од земјата, се подигаа и тркалата. Каде што имаше облак, таму се движеше и духот. Се движеа и животните, и тркалата се подигаа со нив, бидејќи духот на животот беше во тркалата. Над главите од животните имаше нешто слично на свод, налик на кристал издигнат одозгора над нивните крилја. А под сводот се наоѓаа раширени крилјата нивни, свртени едно спроти друго, додека другите две им ги покриваа телата нивни. А кога летаа, слушав звук од крилјата нивни, нешто како звук од многу води, како звук од Бог Садаи; а кога одеа – како звук од војска, кога, пак, застануваа, ги спуштаа крилјата свои.

И од сводот над главите нивни се слушаше звук; и кога запираа, ги спуштаа крилјата свои. Над сводот над главите нивни, пак, имаше нешто слично на престол, како да беше од каменот сафир; а над обличјето на престолот – одозгора нешто слично на човек. И видов нешто налик на килибар, а внатре во него наоколу нешто налик на оган – од тоа што личеше на бедра угоре; а од тоа што личеше на бедра удолу – видов слично на оган, околу кого имаше светлина. Како што изгледа виножитото во облаци, во дождовен ден, таква беше таа светлина наоколу. Такво беше видението на сјајот од подобието на славата Господова.

На вечерна

Исхода чтение (2. Мојс 2:5-10) 

Слезе ќерката фараонова до реката, за да се капе, а нејзините слугинки одеа покрај реката. И таа забележа кошница во трската, па испрати една од слугинките, да ја земе. А кога го отвори, виде дете како плаче во кошницата. Таа се сожали над него и рече: „Ова е еврејско дете.” Тогаш сестрата негова ѝ рече на ќерката фараонова: „Сакаш ли да ти викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?” А ќерката фараонова ѝ рече: „Оди!” И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето. Ќерката фараонова ѝ рече: „Чувај ми го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.” И го зеде жената детето и го доеше. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката фараонова, и тој ѝ стана син. И му стави име Мојсеј, велејќи: „од вода го извадив.”

Иова чтение (Јов 1:13-22)

Еден ден синовите на Јова и ќерките негови пиеја вино во куќата на најстариот брат свој. И ете, дојде гласник при Јова и му рече: „Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив, кога дојдоа грабители и ги грабнаа, и ги отераа, а момоците ги избија со меч; се спасив само јас и дојдов да ти јавам.” Додека уште говореше, дојде друг гласник и му рече на Јова: „Оган од небото падна, ги изгоре овците и пастирите; и ги проголта. Се спасив само јас и дојдов да ти јавам.” Додека тој говореше, дојде друг гласник и му рече на Јова: „Коњаници, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момоците со меч ги погубија; се спасив само јас и дојдов да ти јавам.”

Додека тој говореше, дојде друг гласник велејќи му на Јова: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на најстариот брат свој; ете, наиде силен ветар откај пустината и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас и дојдов да ти јавам.” Кога го слушна тоа, Јов стана, ја раскина својата облека, ја острига главата своја и падна на земја, и Му се поклони на Господа. И рече: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде; како што му беше угодно на Господа, така и стана. Нека е благословено името Господово во веки!” Во сето тоа што му стана Јов не згреши пред Господа, дури ни со своите усни и ништо неразумно не изрече за Бога.


Напишете коментар