Паримии во Светиот и Велик петок

На први час

Пророчества Захариина чтение (Зах 11:10-13)

Така вели Господ: Ќе го земам стапот Свој добар и ќе го фрлам, за да го разорам заветот што го склучив со сите народи. И тој ќе биде разорен во оној ден, и тогаш ќе разберат Хананејците, овците кои се чуваат за Мене дека ова е слово од Господа. И ќе им речам: ако ви е угодно, дајте Ми ја платата Моја; или одречете се. И тие Ми одредија плата триесет сребреници. И Господ ми рече: стави ги во печката и испитај дали е вистинско (сребро), исто како што бев испитан од нив. И ги зедов триесетте сребреници и ги фрлив во домот Господен во печката, како што ми кажа Господ.

На трети час

Пророчества Исаиина чтение (Ис 50:4-11)

Господ ми дава вешт јазик, за да разберам кога доликува да искажам збор. Ме постави рано наутро, ми даде уво за слушање. И поуката Гоподова ми ги отвора ушите, и не се противам и не противречам. Ги дадов плеќите мои на биење, образите мои на шлаканици, лицето Свое не го свртев од подбив и плукање. И Господ Господ ми постана помошник и заради тоа не се посрамив, туку го држам лицето свое како тврд камен и знаев дека нема да останам посрамен, зашто близу е Оној, Кој Ме оправдува. Кој сака да се натпреварува со Мене, да застане заедно со Мене. Кој сака да се суди со Мене, нека се приближи кон Мене. Ете, Господ Господ Ми помага: Кој ќе ми напакости? Ете, сите вие како облека ќе изветвете; како молец ќе ве изгризе. Кој од вас се плаши од Господа, нека го послуша гласот на Неговиот Слуга! Вие кои одите во темнина и немате светлина, надевајте се на името Господово и потпирајте се на Бога. Ете, сите вие распалувате оган и го засилувате пламенот, одете во светлината на вашиот оган, и на пламенот што го разгоревте, заради Мене ве снајде ова, во маки ќе заспиете.

 На шести час

Пророчества Исаиина чтение (Ис 52:13–15; 53:1–12; 54:1)

Така вели Господ: Ете, Мојот слуга ќе разбере, ќе се воздигне, ќе се возвиси и многу ќе се прослави. Како што мнозина ќе бидат ужаснати од Тебе, толку ликот Твој ќе биде обезличен од луѓето и Твојата слава од синовите човечки. Така ќе се зачудат многу народи за Него и царевите ќе ги затворат своите усти. Зашто тоа што не им се објави за Него, ќе го видат, и она што не го слушнале, ќе го дознаат. Господи, кој поверува на тоа што го чувме? И кому му се откри мишката Господова? Објавивме дека е како дете пред Него, како корен во жедна земја, нема во Него изглед, ни слава. И Го видовме, и немаше изглед, ни убавина. Туку изгледот Негов беше без чест, понижен повеќе од сите синови човечки, маж на болки и свикнат да трпи страдања и беше свртено Неговото лице, Тој беше отфрлен, и ние за ништо не Го сметавме. Тој ги носи нашите гревови и за нас е во болки, а ние мислевме дека страда и е рануван од Бога и е во тешкотии.

Тој беше изнаранет за нашите гревови и беше мачен за нашите беззаконија, казната за нашиот мир падна врз Него, преку раните Негови ние се исцеливме. Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој човек од патот свој – и Господ го предаде Него заради нашите гревови. Тој, бидејќи беше измачуван, устата Своја не ја отвора; како овца беше одведен, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така не ја отвора устата Своја. Во Неговото смирение беше земен Неговиот суд, кој ќе објасни Неговиот род? Зашто се зема од земјата животот Негов, заради беззаконијата на луѓето Мои се води на смрт. И ќе ви ги дадам злите наместо Неговото погребение и богатите наместо Неговата смрт, зашто не направи беззаконие, ниту се најде лага во устата Негова. И Господ сака да Го очисти од раните. Ако дадете жртва за грев, вашата душа ќе види долговечно потомство. И Господ сака со Својата рака да ја отстрани болката од Неговата душа, да му ја јави светлоста и да му даде разбирање, да го оправда праведниот, кој добро им служи на мнозина, и нивните гревови Тој ќе ги понесе. Заради тоа Тој ќе наследи мнозина и ќе го раздели пленот на силните. Зашто на смрт беше предадена Неговата душа, и се вброи меѓу беззакониците и ги понесе гревовите на мнозина, и заради нивните беззаконија беше предаден. Радувај се, ти неплодна, што не раѓаш; разгласи и извикај ти, кој не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, кој има маж.

На деветти час

Пророчества Иеремиина чтение (Ер 11:18–23; 12:1–4, 9–11, 14–15)

Господи кажи ми, и ќе разберам; тогаш ги видов нивните потфати. Јас, пак, како незлобиво јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: „дојдете да му ставиме дрво во неговиот леб, и да го истребиме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува”. Господе Саваоте, Кој судиш праведно, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го открив моето оправдание! Заради тоа, така им вели Господ на мажите анатотски, кои ја бараат душата моја и кои велат: не пророкувај во името на Господа, за да не умреш од рацете наши. Заради тоа, така вели Господ на силите: „Јас ќе ги посетам, нивните младичи од меч ќе умрат, и синовите  нивни и  ќерките нивни ќе загинат од глад. И нема да остане остаток од нив, ќе им наносам зло на оние што живеат во Анатот, во годината на нивната посета“.

Праведен си, Господи, како би се оправдувал со Тебе; но ќе проговорам за судовите Твои. Зошто патот на безбожниците е успешен и живеат во мир сите оние што вршат беззаконија? Ти ги посади, и тие се вкоренија и изродија деца, па и плод даваат; во устата нивна Ти си близок, но далеку си од нивната утроба. А мене, Господи, Ти ме разбираш, Ти си ме видел и си го испитал срцето мое какво е кон Тебе. Собери ги како овци за клање и очисти ги за денот, кога ќе бидат заклани. До кога ќе плаче земјата, и ќе се суши сета трева по сите полиња од злобата на оние што живеат на неа? Добитокот и птиците изгинаа оти (луѓето) велат: „Господ нема да ги види нашите патишта“.

Нозете твои трчаат и те изнемоштуваат. Одете и соберете ги сите полски ѕверови, нека дојдат и да го изедат. Многу пастири го растурија Моето лозје, го осквернија делот Мој: Мојот сакан дел го направија непроодна пустина, го уништија потполно. Затоа така вели Господ за сите зли соседи кои се допираат до моето наследство што го одделив за мојот народ Израилот: „Еве, Јас ќе ги истргнам од земјата нивна и домот Јудин ќе го исфрлам од нивната средина. Но, откако ќе ги истргнам, ќе се вратам назад и ќе ги помилувам, и ќе ги вселам, секого во неговото наследство и секого – во земјата негова”.

На вечерна

Исхода чтение (2. Мојс 33:11-23)

Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата. И му рече Мојсеј на Господа: „Ете, Ти ми велиш: ‘изведи го тој народ, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‘Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене’. Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откриј ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие многу луѓе се Твој народ”.

И му рече Господ: „Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам”. А Мојсеј му рече: „Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај ме одовде, оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата”. И Господ му рече на Мојсеја: „Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите”. Пак рече Мојсеј: “Покажи ми ја славата Своја”. Му одговори: „Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам”. И потоа рече: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив”. И пак рече Господ: „Ене место при Мене, застани на онаа карпа! А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе”.

Иова чтение (Јов 42:12-17)

Господ ги благослови последните денови на Јова повеќе од претходните: тој имаше многу добиток: четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада рала волови и илјада ослици. Му се родија седум синови и три ќерки. Првата ја именува Ден, втората – Касија, а третата – Амалфеев рог (Изобилие). По целата земја немаше такви убави жени, како Јововите ќерки; татко им им даде наследство меѓу браќата нивни. По страдањата Јов живееше сто и седумдесет години, вкупно поживеа двесте четириесет и осум години.И виде синови и внуци до четвртото колено. И умре Јов стар и исполнет со денови. Запишано е дека ќе воскресне со оние кои ќе ги воскресне Господ. Според сириските книги тој живееше во Авситидиската земја,во пределите меѓу Идумеја и Аравија, претходно името му беше Јовав. Зеде жена Арабјанка и роди син наречен Енон. Татко му беше Зарет, син на синовите Исавови, мајка му беше Восора, значи беше петто колено од Авраама.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 52:13–15; 53:1–12; 54:1)

Напишете коментар