Паримии во Светата и Велика Среда

На шести час

Пророчества Иезекиилева чтение (Езек 2:3-3:3)

Господ ми рече: „Сине човечки, Јас те праќам при домот Израилев, при непокорни луѓе, кои ме огорчија; тие и татковците нивни Ме отфрлија дури до денешниов ден. Тие се синови со огрубено лице и со жестоко срце. При нив те праќам и ти ќе им кажеш: „Така вели Адонаи Господ“. Ако послушаат или ќе се исплашат, бидејќи тие се дом отстапнички, ќе познаат дека ти се пророк среде нив. А ти, сине човечки, да не се исплашиш од нив, ни да се ужаснеш од нивните лица: зашто ќе се разбеснат и ќе те навредуваат од сите страни; меѓу скорпии живееш. Не бој се од зборовите нивни и не ужаснувај се од лицата нивни, зашто тие се дом отстапнички. Кажувај им ги зборовите Мои – без разлика дали ќе послушаат или ќе се исплашат тие или не, бидејќи се дом бунтовнички. А ти, сине човечки, чуј Го Оној кој ти зборува: ,Не биди отстапник како тој отстапнички дом; отвори ја устата твоја и изеди го она што ќе ти го дадам.’”

И видов, ете, протегната рака спрема мене, и во неа – книжен свиток. И го разви пред мене, а свитокот беше напишан однапред и одназад, и на него беше напишано: ридање, жалост и офкање. И ми рече: „Сине човечки, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот.” Тогаш ја отворив устата и Он ми го даде свитокот за да го изедам. И ми рече: „Сине човечки: устата твоја ќе го изеде и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти е даден.” И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед.

Исхода чтение (2. Мојс 2:11-22)

По многу време, кога Мојсеј стана возрасен, отиде меѓу браќата свои, синовите Израилеви, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египтјанин бие некој Евреин – еден од браќата негови- синовите Израилеви. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египтјанинот и го закопа во песокта. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној кој беше виновен: “Зошто го биеш ближниот свој?” А тој одговори: “Кој те постави тебе за кнез и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?” Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: “Значи, се разбрало за ова?” И Фараонот беше чул за ова, па сакаше да го убиеМојсеја. Но Мојсеј избега од пред лицето на Фараонот и се насели во земјата Мадијамска. Кога дојде во земјата Мадијамска, седна крај еден извор.

А свештеникот Мадијамски, пак, имаше седум ќерки, кои ги пасеа овците на татка си Јотор. И тие дојдоа и почнаа да земаат вода додека не ги наполнија коритата за да го напојат стадото на таткото свој Јотор. Но дојдоа пастири, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им ги напои овците. И тие се вратија кај таткото свој Рагуил, а тој ги праша: “Како толку бргу се вративте денес?” Тие одговорија: “Еден Египтјанин нѐ одбрани од пастирите, дури ни нацрпи вода и ни ги напои овците наши.” А тој им рече на ќерките свои: “Па, каде е? Зошто сте го оставиле така човекот? Поканете го да јаде леб!” И Мојсеј се всели кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеја за жена ќерката своја Сепфора. Жената зачна во утробата и роди син, и Мојсеј му стави име Гирсам, велејќи: “бидејќи сум придојден во туѓа земја.” И пак зачна и роди втор син, и му стави име Елиезер, велејќи: “Бог на мојот татко ми е Помошник и ме избави од рацете Фараонови.”

Иова чтение (Јов 2:1-10)

Еден ден дојдоа ангелите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и ѓаволот да застане пред Господа. И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде доаѓаш?” Тогаш рече ѓаволот пред Господа: „Одев по поднебесието и откако ја обиколив земјата, дојдов.” Тогаш му рече Господ на ѓаволот: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек незлобив, вистински, непорочен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и уште цврсто се држи во својата непорочност, иако ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.” Му одговори ѓаволот на Господа и рече: „Кожа за кожа, а за душата своја човек ќе даде и сè што има; но ајде пружи ја раката Твоја и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благословува ли тогаш пред лицето Твое?” Му рече Господ на ѓаволот: „Ете, ти го предавам; само душата не земај му ја.”

Си отиде ѓаволот од лицето Господово и го порази Јова со лута рана – од стапалата негови дури до главата. И си зеде Јов тогаш цреп за да ги чеша раните свои, и седеше на буништето надвор од градот. Кога помина многу време, му рече неговата жена: „До кога ќе трпиш и велиш-ќе почекам уште малку, чекајќи ја надежта на моето спасение. Го снема споменот твој на земјата- твоите синови и ќерки, трудовите и болките на мојата утроба; со кои залудно се трудев со болки. Ти самиот седиш во буниште со црви, преноќувајќи надвор без покрив. И јас скитам и слугувам, одејќи од место на место и од дом во дом, чекајќи сонцето да зајде, за да починам од моите трудови, и од болките, кои сега ме мачат. Но, кажи некој збор против Господа и умри!” Но тој погледна кон неа и ѝ рече: „Зошто говориш како безумните жени? Ако доброто го примивме од раката Господова, а злото да не го истрпиме?”
Во сето тоа што му стана Јов не згреши пред Бога со своите усни и ништо неразумно не изрече за Бога.

Напишете коментар