Паримии во Светиот и Велик Понеделник

На шести час

Пророчества Иезекиилева чтение (Езек 1:1-20)

Во триесеттата година, четвртиот месец, петтиот ден од месецот, и јас бев меѓу прогонетите при реката Ховар, се отворија небесата – и видов Божји виденија. Во петтиот ден од месецот, а тоа е петтата година, откако беше заробен царот Јоаким, би слово Господово до свештеникот Језекиила, синот Вузиев, во земјата Халдејска при реката Ховар; и беше  врз мене раката Господова. И видов: ете, бурен ветар доаѓаше од север и голем облак во него, и светлина околу него и блештеше оган. И среде него нешто налик на килибар среде огнот, и светлина во него. Во средината негова, пак, видов призраци на четири животни – по обликот свој слични на човек. Секое од нив имаше по четири лица, и секое од нив – по четири крилја. И нозете нивни беа прави и нивните стапала беа пернати, и имаше искри како од блескава бронза; крилјата, пак, нивни беа лесни. А под крилјата нивни имаа човечки раце – на сите четири страни.

Животните се движеа брзо натаму и наваму, како обличје везеково (светкавица). И погледнав, и ете по едно тркало на земјата покрај четирите животни. И изгледот на тркалата и нивната градба беше како обличје на тарсис, и четирите имаа ист облик и градбата им беше како тркало во тркало. Во своите четири правци се движеа; кога се движеа не се свртуваа. А наплатите нивни беа високи, и видов дека наплатите на сите четири тркала беа полни со очи наоколу. И кога се движеа животните, се движеа и тркалата до нив; и кога животните се подигаа од земјата, се подигаа и тркалата. Каде што имаше облак, таму се движеше и духот. Се движеа и животните, и тркалата се подигаа со нив, бидејќи духот на животот беше во тркалата.

На вечерна

Исхода чтение (2Мојс 1:1–20)

А овие се имињата на синовите Израилеви, кои влегоа во Египет со Јакова, таткото нивни; секој со целиот свој дом дојден. Рувим, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Завулон и Венијамин, Дан и Нефталим, Гад и Асир. А Јосиф, пак, беше во Египет. И сите, кои произлегоа од Јакова, беа седумдесет и пет души. Потоа Јосиф умре и сите браќа негови, и сиот нивни род; а синовите Израилеви се народија и се намножија, и беа многу, и се засилија многу многу, така што земјата се наполни со нив. Тогаш во Египет се зацари друг цар, кој не знаеше за Јосифа. Па му рече на народот свој: “Еве, родот на синовите Израилеви е многуброен и посилен од нас. Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна против нас, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да не си отидат од земјата наша.” И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со работа. Така му ги изградија на Фараонот утврдените градови Пито и Рамесес и Он, наречен сега Илиопол. Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа, и се засилуваа многу многу, така што се гадеа Египтјаните од синовите Израилеви.

Затоа Египтјаните ги гонеа синовите Израилеви со жестокост, и им го загорчуваа животот со тешки работи, со кал и правење тули, и со секаква работа во полињата, и со сите други работи, ги измачуваа немилосрдно. Царот египетски им се обрати на бабиците еврејски, од кои на едната ѝ беше името Сепфора, а на другата Фуа; и им рече: “Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, запазете го!” Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда царот египетски, туку ги оставаа децата од машки пол. А царот египетски ги повика бабиците и им рече: “Зошто правевте така и ги оставате машките деца во живот?” А бабиците му одговорија на Фараонот: “Еврејките не се како жените египетски: зашто пред да дојде бабицата, тие веќе родиле.” Бог, пак, им прaвеше на бабиците добро; а народот се множеше и многу се засилуваше.

Иова чтение (Јов 1:1-12)

Имаше еден човек во земјата Авсидитиска, по име Јов; тој човек бешевистински, непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото. Имаше седум синови и три ќерки. Добитокот му беше: седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петстотини ослици што пасеа, имаше и мошне многу слуги; и огромен беше неговиот имот на земјата. Оној човек беше најпрочуен меѓу оние на истокот. Тој човек беше најпрочуен меѓу сите синови на Исток. Синовите негови се собираа еден кај друг и приредуваа гозби секој ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив.

Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги очистуваше, и станувајќи изутрина рано, принесуваше жртви по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и помислиле зло против Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите дни. Еден ден дојдоа ангелите Божји за да застанат пред Господа; со нив дојде и ѓаволот. И му рече Господ на ѓаволот: „Од каде дојде?” А ѓаволот му одговори на Господа и рече: „Ја обиколив земјата и го изминав поднебесието” И Господ му рече: „Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, вистинит, богобојазлив и кој го одбегнува злото.”

Одговори ѓаволот и рече пред Господа: „Зар попусто Јов го почитува Господа? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови си ги умножил по земјата. Но, пружи ја раката Своја и допри се до сè што има, ќе Те благослови ли тогаш пред лицето Твое.” И му рече Господ на ѓаволот: „Еве, сè што е негово, го давам во твоја рака; само до него не допирај се? – И си отиде ѓаволот од пред Господа.

Напишете коментар