Паримии во Светиот и Велик Четврток

На први час

Пророчества Иеремиина чтение (Ер 11:18–23; 12:1–4, 9–11, 14–15)

Господи кажи ми, и ќе разберам; тогаш ги видов нивните потфати. Јас, пак, како незлобиво јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: „дојдете да му ставиме дрво во неговиот леб, и да го истребиме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува”. Господе Саваоте, Кој судиш праведно, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го открив моето оправдание! Заради тоа, така им вели Господ на мажите анатотски, кои ја бараат душата моја и кои велат: не пророкувај во името на Господа, за да не умреш од рацете наши. Заради тоа, така вели Господ на силите: „Јас ќе ги посетам, нивните младичи од меч ќе умрат, и синовите  нивни и  ќерките нивни ќе загинат од глад. И нема да остане остаток од нив, ќе им наносам зло на оние што живеат во Анатот, во годината на нивната посета“.

Праведен си, Господи, како би се оправдувал со Тебе; но ќе проговорам за судовите Твои. Зошто патот на безбожниците е успешен и живеат во мир сите оние што вршат беззаконија? Ти ги посади, и тие се вкоренија и изродија деца, па и плод даваат; во устата нивна Ти си близок, но далеку си од нивната утроба. А мене, Господи, Ти ме разбираш, Ти си ме видел и си го испитал срцето мое какво е кон Тебе. Собери ги како овци за клање и очисти ги за денот, кога ќе бидат заклани. До кога ќе плаче земјата, и ќе се суши сета трева по сите полиња од злобата на оние што живеат на неа? Добитокот и птиците изгинаа оти (луѓето) велат: „Господ нема да ги види нашите патишта“.

Нозете твои трчаат и те изнемоштуваат. Одете и соберете ги сите полски ѕверови, нека дојдат и да го изедат. Многу пастири го растурија Моето лозје, го осквернија делот Мој: Мојот сакан дел го направија непроодна пустина, го уништија потполно. Затоа така вели Господ за сите зли соседи кои се допираат до моето наследство што го одделив за мојот народ Израилот: „Еве, Јас ќе ги истргнам од земјата нивна и домот Јудин ќе го исфрлам од нивната средина. Но, откако ќе ги истргнам, ќе се вратам назад и ќе ги помилувам, и ќе ги вселам, секого во неговото наследство и секого – во земјата негова”.

На вечерна

Исхода чтение (2. Мојс 19:10-19)

Му рече Господ на Мојсеја: „Слези, посведочи му на народот и очисти го денес и утре, и нека ги исперат облеките свои. И нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на гората Синајска пред сиот народ. Ќе ги наредиш луѓето наоколу и ќе им кажеш: ‘Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до неа; секој, кој ќе се допре до гората, ќе биде предаден на смрт. Никаква рака да не се допре до неа, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога гласовите и трубите, облакот ќе си отидат од планината, тогаш нека се качат на гората.’“ И Мојсеј слезе од гората кај народот; и го освети народот, и тие ги испраа облеките свои. И му рече на народот: „Бидете готови и за три дни не приближувајте се до жените!” А третиот ден, пред осамнувањето, имаше гласови и молњи, и мрачен облак над гората Синајска, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ во таборот. Тогаш Мојсеј го изведе народот од таборот, за да Го пресретне Бога, и застанаа под гората. А гората Синајска целата беше во чад, зашто Господ беше слегол над неа во оган; и чад се креваше, како чад од печка, и многу се ужасна сиот народ; и гласот на трубата стануваше сè посилен. Мојсеј зборуваше, а Бог му одговараше со глас.

Иова чтение (Јов 38:1–23; 42:1–5)

Му рече Господ на Јова од бурата и облаците: „Кој е тој, што ја крие промислата од Мене, чувајќи зборови во срцето. Од Мене ли мисли да скрие? Препаши ја сега половината своја како маж: Јас ќе те прашувам, а ти одговарај Ми: каде беше ти кога ја основав земјата? – кажи ми, ако знаеш. Кој ѝ ги определи мерките? Знаеш ли: кој го оптегнува јажето околу неа? Врз што се зацврстени столбовите нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен? Кога беа створени ѕвездите, ме пофалија со силен глас сите ангели Мои. Го заградив морето со врати, кога се излеваше, од утробата на мајка си излегуваше. Му ставив облаци како облека, со магла го повив. Му положив граници, му поставив резиња и врати околу него и му реков- до тука ќе дојдеш и нема да преминеш, во тебе ќе се срушат твоите бранови.

Или во твое време ја поставив утринската светлина и Деницата да го знае своето место, да ги држи крилјата на земјата, за да ги истресе нечестивите од неа. Или ти зеде кал од земјата, создаде живо суштество кое зборува и го постави на земјата? Си ја одзел ли светлината од нечестивите? Си ја скршил ли мишката на гордите? Си дошол ли до изворите на морето? Си чекорел ли по бездната? Се отвораат ли пред тебе со страв вратите на смртта? Се уплашија ли кога те видоа вратарите на адот? Си ја истражил ли широчината на поднебесјето, кажи Ми, колкава е? Во која земја е живеалиштето на светлината? Кое ѝ е местото на темнината? Ако Ме доведеш до нивните предели, ако ги знаеш нивните патеки, ќе ги знаеш бидејќи тогаш си бил роден, зашто бројот на твоите години е голем? Си влегувал ли ти во сокровиштата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот? Ги чуваш ли ти за смутно време, за денот на битка и војна?”.

Одговарајќи му рече Јов на Господа: „Знам, дека Ти сè можеш, и ништо не е невозможно за тебе. Кој е тој, што ја крие промислата од Тебе со оскудни зборови и мисли дека од Тебе ќе скрие? Кој ќе ми го објави тоа што не го знаев, великите и прекрасни дела што не ги разбирав? Послушај ме Господи, и јас да прозборам, да Те прашам, а Ти научи ме. Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, окото мое Те виде”.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 50:4-11)

Господ ми дава вешт јазик, за да разберам кога доликува да искажам збор. Ме постави рано наутро, ми даде уво за слушање. И поуката Гоподова ми ги отвора ушите, и не се противам и не противречам. Ги дадов плеќите мои на биење, образите мои на шлаканици, лицето Свое не го свртев од подбив и плукање. И Господ Господ ми постана помошник и заради тоа не се посрамив, туку го држам лицето свое како тврд камен и знаев дека нема да останам посрамен, зашто близу е Оној, Кој Ме оправдува. Кој сака да се натпреварува со Мене, да застане заедно со Мене. Кој сака да се суди со Мене, нека се приближи кон Мене. Ете, Господ Господ Ми помага: Кој ќе ми напакости? Ете, сите вие како облека ќе изветвете; како молец ќе ве изгризе. Кој од вас се плаши од Господа, нека го послуша гласот на Неговиот Слуга! Вие кои одите во темнина и немате светлина, надевајте се на името Господово и потпирајте се на Бога. Ете, сите вие распалувате оган и го засилувате пламенот, одете во светлината на вашиот оган, и на пламенот што го разгоревте, заради Мене ве снајде ова, во маки ќе заспиете.

Напишете коментар