Тропар и синаксар на преподобна Марија Египетска

Отпустителен тропар, глас 5.
Подобен: Собезначалное Слово:

Просветлена божествено од благодатта на Крстот, се пројави како светоносен блесок на покајанието, откако го отфрли помрачувањето од страстите, сечесна. Затоа и свештениот Зосима те виде како ангел во пустината, Марие преподобна мајко, со него помоли се за сите нас.

Синаксар
Стихови: Духот замина, телото одамна се распадна,
Зосимо, погребај го мртовецот Марија.
На први април умре Марија молејќи се во пустината.

Во петтата недела од Постот, вршиме спомен на преподобната мајка наша Марија Египетска. Таа беше родум од Египет и живееше во времето на императорот Јустинијан Велики (527-565). Најпрвин живееше развратно, и мнозина ги поведе да ги погубат своите души преку срамни задоволства. Уште од мала возраст падна во гнасни плотски дела и остана во нив. Откако поживеа така седумнаесет години, блажената се оддаде на подвиг и добродетели. Толку се искачи на висините на бестрастието, што одеше по речната шир без да потоне. А кога се молеше се издигаше над земјата, стоејќи на воздухот меѓу небото и земјата.

Причината за нејзиното обраќање и покајание е ваква. На четиринаесетиот ден од септември, кога станува Воздвижението на чесниот и животворен Крст во Ерусалим, мнозина христијани се собираа од секаде и одеа во Ерусалим да го видат чесното дрво на Крстот. Во тоа време  и преподобната отиде заедно со развратни и разуздани момчиња. Откако пристигна, сакаше да влезе во храмот на Светото воскресение, за да го види животворниот Крст. Меѓутоа, некоја невидлива сила ја спречуваше во тоа и не може да влезе и да го види Крстот.

Ранета во срцето заради тоа, Ѝ се завети на Владичицата Богородица, дека ако го види Крстот Господов, ќе стане воздржлива и нема да го погани своето тело со сласти и задоволства. Штом го оствари она по што копнееше, непоматена од своите претходни потфати, ја премина реката Јордан и замина во пустината, кадешто триблажената живееше четириесет и пет години, без да сретне некого, а самиот Бог беше единствен сведок за нејзините дела. Таа толку силно се подвизуваше, така што се издигна над човечката природа и живееше рамноангелно.

Откако се сретна со некој монах по име Зосима, му го раскажа својот живот од почетокот и го помоли да ја причести со пречистите Таинства. Тој го стори тоа следната година на Велики Четврток. Една година потоа, Зосима дојде на тоа место и ја најде упокоена на земјата. Покрај неа имаше напишано: „ Аво Зосиме, погребај го тука телото на бедната Марија. Се преставив во денот кога се причестив со пречистите Таинства. Моли се за мене“.

Споменот на оваа преподобна жена е на првиот ден на април, но назначен е и денес, бидејќи свештениот четириесетдневен пост се приближува до крајот, и за да ги поттикне мрзливите и грешниците кон покајание, имајќи ја како пример оваа света жена.

По нејзините молитви, Боже помилуј и спаси нѐ. Амин!

Извор

Напишете коментар