Паримии во Светата и Велика Сабота (1)

На први час

Пророчества Иезекиилева чтeние (Езек 37:1–14)

Би раката Господова врз мене и ме изведе во духот Господов, ме постави среде полето – а тоа беше полно со човечки коски, И ме проведе околу нив, а таму имаше многу, многу коски во полето и тие беа многу суви. И ми рече: „Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?“ И реков: „Господи Боже, Ти го знаеш тоа“. Па ми рече – изречи пророштво за тие коски и ќе им кажеш: „Коски суви, чујте го словото Господово! Така им вели Адонај Господ Бог на овие коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух животен. Ќе ви дадам жили, ќе направам на вас да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе ви го дадам духот Мој во вас, па ќе оживеете и ќе познаете, дека Јас сум Господ“. Јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда Господ, и кога пророкував, се чу глас, и, ете, потрес, па почнаа коските да се зближуваат, коска до коска, секоја на својот зглоб… И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожа ги покри одозгора, но дух немаше во нив. Тогаш ми рече – „изречи пророштво за духот, изречи пророштво сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Адонај Господ: ’дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие мртви и нека оживеат’“. И јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда и влезе во нив дух животен – и тие оживееја и се исправија на нозете свои – многу големо собрание.

Тогаш Господ ми рече, велејќи – „Сине човечки, овие коски се сиот дом Израилев. Ете, тие велат: ’Се исушија нашите коски, и загина нашата надеж – ние бевме убиени’. Затоа изречи пророштво сине човечки и кажи им – вака вели Адонај Господ: ’Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам од гробовите ваши, народе Мој, и ќе ве воведам во земјата Израилева. И ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам гробовите ваши и за да ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши. Ќе ви го дадам Мојот дух во вас и ќе бидете живи, ќе ве населам во вашата земја, па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков тоа, и ќе го извршам, вели Адонај Господ’“.

На вечерна

Битија чтение (1. Мојс 1:1-13)

Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата. И рече Бог: „Нека биде светлина!“ И би светлина. И виде Бог дека светлината е добра; и ја оддели Бог светлината од темнината. И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И би вечер, и би утро – ден еден. Потоа рече Бог: „Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!“ И создаде Бог свод; и ја одвои водата од под сводот од водата над сводот. Така и стана. И сводот Бог го нарече небо. И би вечер и би утро – ден втори. И рече Бог: „Нека се собере водата, што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!“ И стана така. И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека е добро. И пак рече Бог: „Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!“ И стана така. И пушти земјата од себе зеленило: трева што дава семе според својот род и вид, а и дрво плодородно што раѓа плод, и чие семе е според нивниот род на земјата. И виде Бог дека е добро. И би вечер, и би утро – ден трети.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 60:1–16)

Светли се, светли се Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова заблеска над тебе. Ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а на тебе ќе ти се јави Господ, и славата Негова над тебе ќе се гледа. И царевите ќе појдат по твојата светлина, и народите по светлоста твоја. Крени ги очите и погледај наоколу: и погледни ги твоите собрани чеда; ете дојдоа сите синови твои оддалеку, и твоите ќерки ќе бидат носени на рамења. Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и ќе се исплашиш и срцето твое ќе затрепери, зашто кај тебе ќе премине богатството на морето, на народите и на луѓето. И кај тебе ќе дојдат стада камили, и ќе те покријат камилите мадијамски и гефарски, сите од Сава ќе дојдат, носејќи злато, и ќе принесат темјан, и скапоцен камен, и ќе го благовестат спасението Господово. И сите кидарски овци ќе бидат собрани при тебе, и навеотските овни ќе дојдат кај тебе, ќе се принесуваат пријатни жртви на Мојот жртвеник, и ќе се прослави Мојот дом за молитва. Кои се тие што летаат како облаци, и како гулаби со пиленцата кон Мене? Мене Ме чекаа островите и најпрвин тарсиските кораби, за да ги пренесат синовите твои оддалеку и со нив – нивното злато и сребро, заради светото име на Господа, и за да се прослави Светецот Израилев. Тогаш синовите на другородци ќе ги градат ѕидовите твои, и нивните цареви – ќе ти служат; зашто во гневот Мој те поразив, но во милоста Моја те возљубив.

Исхода чтение (2. Мојс 15:1-11)

Им рече Господ на Мојсеја и на Арона во земјата Египетска, велејќи: „Овој месец да ви биде почеток на месеците, да ви биде прв месец меѓу месеците во годината. Кажи му на целиот собор на синовите Израилеви и речи им: ’На десеттиот ден од овој месец секој нека земе јагне според татковските домови: значи, по едно јагне на дом. Ако се помалку во домот, недоволно за едно јагне, нека го земе кај себе соседот, својот ближен, со онолку души, колу што треба, за да можат да го изедат јагнето. А јагнето да ви биде совршено, машко, без недостаток, од една година; земете го од овците или од козите. И чувајте го дури до четиринаесеттиот ден од овој месец, а тогаш целото множество на соборот на синовите Израилеви нека го заколе, во приквечерина. И нека земат крв од него и нека ги попрскаат обата довратника и праговите на куќите, каде ќе го јадат. И нека јадат месо во таа ноќ, на оган печено, со бесквасен леб и со горчливо зелје, нека јадат. Немојте да го јадете сирово, ниту во вода варено, туку на оган печено: со главата, со нозете и со утробата. И ништо немојте да оставате од него до утрината; и коски не кршете од него; ако нешто од него остане до утрината, изгорете го на оган.А вака јадете го: бедрата ваши да се препашани, обувките да ви се на нозете и стаповите ваши во рацете ваши, и јадете брзо: тоа е Пасха Господова’“.

Пророчества Ионина чтение (Јона 1:1-4:11)

Би словото Господово до Јона, синот Аматиев велејќи: „Стани и оди во Ниневија, град голем, и проповедај во него, зашто гласот на неговите зли дела се искачи до Мене.“ А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јопија, каде што најде кораб што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да исплови со него во Тарсис, од лицето Господово. Но Господ подигна силен ветар на морето, и настана голема бура во морето, така што коработ за малку ќе се разбиеше. Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од коработ да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона слезе во дното на коработ, и спиеше тука и ‘рчеше. Тогаш дојде при него кормиларот и му рече: „Зошто ‘рчиш? Стани и моли Го твојот Бог, за да нѐ спаси Бог, да не погинеме“. Па му рече секој на својот ближен: „Дојдете да фрлиме жреб и да видиме поради кого нè снајде оваа беда“. Фрлија жреб и жребот падна на Јона. Тогаш му рекоа: „Кажи ни заради што нè снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде дојде и на каде одиш? Од која земја си и од кој народ си?“ Тој им рече: „Јас сум слуга Господов, Го почитувам Господа Бога Небесен, Оној што ги создаде морето и копното“. Тогаш мажите се уплашија многу и му рекоа: „Зошто го направи ова?“ Оти мажите разбраа дека тој бега од лицето Господово, – како што им беше кажал. И му рекоа: „Што да направиме со тебе, та морето да стивне за нас?“ Бидејќи морето се брануваше и уште повеќе се засилуваше бурата. Тогаш Јона им рече: „Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, оти знам дека поради мене ве снајде оваа бура“. Луѓето потоа се трудеа некако да се приближат до суво, но не можеа, бидејќи морето сè повеќе се брануваше и беснееше против нив. Тогаш повикаа кон Господа и рекоа: „Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што ти е Тебе угодно“. Па го зедоа Јона и го фрлија во морето; и морето престана да се бранува. Тогаш мажите се уплашија многу од Господа, Му принесоа на Господа жртви и се заветуваа. И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на китот три дена и три ноќи. Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на китот, па рече:

[Како пророкот Јона, спаси нѐ Господи. Mолитва на Јона пророкот. Од ѕверот повика Јона велејќи:]

„Повикав во мојата неволја кон Господа мојот Бог и Он ме чу; од утробата на адот е мојот повик – и Ти го чу гласот мој. Ти ме отфрли во длабините, во срцето на морето, и реки ме опколија, и сите слапови Твои и бранови Твои минуваа преку мене. И јас реков: ‘Отфрлен сум од очите Твои, ќе го видам светиот храм Твој’. Се излеа вода до душата моја, последната бездна ме затвори. Се спушти главата моја до пукнатините на планините. Слегов во земјата, нејзините резиња се вечни пречки, но да излезе животот мој од распадливоста кон Тебе Господи, Боже мој. Кога ме напушташе душата моја, се сетив на Господа, и да дојде молитвата моја до Тебе, во светиот храм Твој. Оние, кои почитуваат лажни и суетни нешта, ја оставија својата милост. Јас, пак, со глас на пофалба и славословие ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го принесам на Господа за да се спасам!“ Тогаш му заповеда Господ на китот, и тој го исфрли Јона на суво.

И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му: „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај во него според претходното слово што ти го кажав“. Стана Јона и отиде во Ниневија како што му кажа Господ; а Ниневија беше многу голем град Божји: три дена одење. И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, и рече: „Уште три дена и Ниневија ќе биде разурната!“ И му поверуваа мажите ниневиски на Бога, заповедаа пост и се облекоа во вреќишта, од мало до големо. Тоа слово дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна на пепел. Па се обзнани и беше речено во Ниневија од името на царот и од неговите големци – ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не вкусат ништо и да не одат на пасење и да не пијат. Се облекоа луѓето и добитокот во вреќишта и упорно повикуваа кон Бога. Секој се откажа од својот лош пат и од неправдата на рацете свои, велејќи: „ Кој знае – можеби Бог ќе се раскае и ќе се смилостиви и ќе се одврати од Својот разгорен гнев, и нема да загинеме“. И ги виде Бог нивните дела, оти тие се одвратија од своите лоши патишта, па се раскаја Бог за злото, за кое беше рекол дека ќе им го стори, и не го стори.

А Јона се огорчи со голема горчина и вознегодува. Па Му се помоли на Господа и рече: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побрзав да побегнам во Тарсис, оти знаев дека Ти си милостив и добросрдечен, долготрпелив и многумилостив, па ќе се сожалиш за бедите човечки. А сега, Владико Господи, прими ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам“. Господ, пак, му рече: „Зошто толку многу си огорчен?“ Тогаш Јона излезе од градот, па седна спроти градот, и таму си направи сеница и се смести во неа под ладовина, за да види што ќе стане со градот. Господ Бог ѝ на нареди на една тиква, и израсна над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од огорчението негово. Јона многу се зарадува за таа тиква. И нареди Господ, вториот ден, кога зората се зазори, црв да ја подгризе тиквата, и таа се исуши. А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја вжештува главата на Јона, така што тој изнемоште и се одрече од својата душа, велејќи: „Подобро е да умрам отколу да живеам“. А Господ Бог му рече на Јона: „Многу ли се огорчи заради тиквата?“ А тој одговори: „Многу сум огорчен, дури до смрт!“ Тогаш Господ рече: „Тебе ти е жал за една тиква, за која ти не си се трудел, ниту си ја одгледувал, и која за една ноќ израсна и за една ноќ се исуши. А Мене да не ја поштедам Ниневија, голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не ја знаат својата десната рака ни левата, а и за многу нивен добиток?“

Иисуса Навина чтение (Ис Нав 5:10-15)

И се задржаа синовите Израилеви во логорот во Галгал и направија Пасха во четиринаесеттиот ден од месецот, вечерта, на запад од полињата Ерихонски. И јадеа од пченицата на таа земја, бесквасни лебови и нови зрна. Во тој ден престана манната, откако јадеа од пченицата на таа земја; и веќе немаше манна кај синовите Израилеви: во таа година тие јадеа од плодовите на Феникиската земја.

А кога Исус се наоѓаше во Ерихон, погледна со своите очи и виде, и ете, пред него стои човек, со истргнат меч во раката негова. Исус се приближи до него и му рече: „Наш ли си, или си од нашите непријатели?“ Тој му рече: „Не; јас сум Архистратиг на војската Господова, сега дојдов овде“. Исус падна ничкум на земја и му рече: „Господару, што ќе му заповедаш на својот слуга?“ И Архистратигот Господов му рече на Исуса: „Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото, на кое стоиш, е свето“. Исус така и направи.

Втор дел

Напишете коментар