Паримии во Светата и Велика Сабота (2)

Прв дел

Исхода чтение (2. Мојс 13:20-22, 14:1-31, 15:1-19)

Појдоа синовите Израилеви од Сокхот, се утаборија во Отам, при пустината. А Бог ги водеше: дење во столб од облак, за да им го покажува патот, а ноќе во столб од оган, светејќи им. И не се иставаше пред сиот народ столбот од облак – дење, ни столбот од оган – ноќе. И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: „Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат спроти населбата меѓу Магдол и морето, спроти Веелсепфон. Пред нив ќе се утабориш крај морето. И Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ‘Скитаат по земјата, бидејќи пустината ги затворила’. А Јас ќе го ожесточам срцето на Фараонот, и тој ќе појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам во Фараонот и во сета војска негова. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ“. Тие така и направија.

И му соопштија на царот египетски дека народот избегал, па се измени срцето на Фараонот и слугите негови против народот и рекоа: „Што направивме, па ги пуштивме синовите Израилеви, та да не ни робуваат“. И ги впрегна Фараонот колите свои, и сиот народ го собра со себе. Зеде шестотини избрани коли по избор и сета коњаница египетски, и нивните војводи. А Господ го ожесточи срцето на Фараонот, царот египетски, и на слугите негови, и тргна во потера по синовите Израилеви; но синовите Израилеви врвеа со подигната рака. И се впуштија по нив Египтјаните, и ги најдоа утаборени спроти морето, а сета коњаница и колите Фараонови, коњаниците и неговата војска- пред населбата, спроти Веелсепфон.

Фараонот се наближуваше, и се обѕрнаа синовите Израилеви со очите и видоа: ете Египтјаните се утаборија наспроти нив и многу се исплашија. И повикаа синовите Израилеви кон Господа и му рекоа на Мојсеја: „Зар немаше гробови во Египет, туку не изведе да умреме во пустината? Што ни направи и нѐ изведе од Египет? Нели ти го кажавме ова и во Египет, велејќи: ‘Остави нѐ, да им робуваме на Египтјаните?’ Оти подобро ќе ни беше да им робуваме на Египтјаните, отколку да умреме во пустинава“. А Мојсеј му рече на народот: „Бидете смели, стојте и ќе го видите спасението од Господа, што ќе ни го изврши денес. Египтјаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека. Господ ќе се бие за вас, а вие ќе молчите“.

И му рече Господ на Мојсеја: „Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите Израилеви нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и подели го, и нека влезат синовите Израилеви, среде морето по суво. Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на Фараонот и на сите Египтјани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над Фараонот и над сета војска негова, над колите и над коњите негови. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над Фараонот, над колите и над коњите негови“. И се крена Ангелот Господен, што одеше пред таборот на синовите Израилеви, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нивното лице, и застана зад нив. А кога влезе меѓу таборот Египетски и меѓу таборот на синовите Израилеви и застана. И настана темнина и мрак, и мина ноќта, и не се помешаа еден со друг цела ноќ. Ја протегна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го брануваше морето со силен јужен ветар цела ноќ, па се направи морето суво и водата се разцепи. И влегоа синовите Израилеви среде морето по суво, и водата им беше како ѕид од десната страна и како ѕид од левата страна. А Египтјаните, гонејќи ги, влегоа по нив, сета коњаница на Фараонот, и колите и јавачите среде морето.

А во утринската стража погледна Господ на таборот египетски во столбот од оган и облак и го доведе во забуна таборот египетски. Ги врза осовините на нивните коли, та одвај ги влечеа. Тогаш Египтјаните рекоа: „Да бегаме од пред Израил, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!“ И му рече Господ на Мојсеја: „Протегни ја раката твоја над морето, и нека се собере водата и да ги покрие Египтјаните, колите и јавачите“. И Мојсеј ја протегна раката врз морето, и се врати водата на своето место пред зори. Египтјаните бегаа под водата; и Господ ги истресе Египтјаните среде морето. А кога се поврати водата, ги покри колите и јавачите со сета сила Фараонова, сите што влегоа по нив во морето, и не остана ниеден од нив. Синовите, пак, Израилеви минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и како ѕид од левата страна. И ги избави Господ Израилците во тој ден од рацете на Египтјаните. И ги видоа синовите Израилеви Египтјаните што изумреа на брегот морски. Ја виде Израил моќната рака, што Господ ја покажа над Египтјаните, и народот се уплаши од Господа, и поверува во Бога и на неговиот угодник Мојсеја.

[Откако го потопи Фараонот, Мојсеј рече: Да го воспееме Господа, зашто славно се прослави.]

Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, и рекоа велејќи: „Да Го воспееме Господа, зашто славно се прослави;

Коњот и јавачот ги фрли в море. Да го воспееме Господа,

На секој стих се пее: Зашто славно се прослави.

Помошник и покровител ми беше во спасението. Да го воспееме Господа,

Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам. Да го воспееме Господа,

Господ ги ништи војните; името Му е Господ. Колите Фараонови и силата негова ги фрли в море. Да го воспееме Господа,

Избраните јавачи- војводи ги потопи во Црвено Море. Да го воспееме Господа,

Со бездните ги покри; тие потонаа во длабочините како камен. Да го воспееме Господа,

Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила. Да го воспееме Господа,

Десната рака Твоја, Господи, ги згази непријателите и со величието на славата Твоја ги сотре противниците. Да го воспееме Господа,

Го испрати гневот Свој, и тој ги пламна како трска. Од духот на јароста Твоја водите се расцепија. Да го воспееме Господа,

Водите се стврднаа како бедем; се стврднаа и брановите среде морето. Да го воспееме Господа,

Непријателот рече: ‘Ќе гонам, ќе престигнам, плен ќе разделам, ќе ја исполнам душата моја, ќе убивам со мечот мој, ќе го господари раката моја’. Да го воспееме Господа,

Го испрати духот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во многу вода. Да го воспееме Господа,

Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светост, прекрасен во слава и Творец на чудеса? Да го воспееме Господа,

Ти ја протегна десницата Своја – а земјата ги голтна. Со правда го поведе овој народ Твој, кого Ти го избави. Да го воспееме Господа,

Ги повика со силата Своја во Твојата света населба. Народите слушнаа и се разгневија, болки ги оппфатија жителите на Филистим. Да го воспееме Господа,

Тогаш побрзаа поглаварите едомски и кнезовите моавски, и трепет ги обзеде, се стопија сите жители на Ханаан. Да го воспееме Господа,

Нека ги опфати страв и трепет, од величината на мишката Твоја нека се скаменат. Да го воспееме Господа,

Додека не премине народот Твој, Господи, додека не помине народов Твој, кого си го придобил. Да го воспееме Господа,

Одведи го и насади ги во гората на наследството Твое, во приготвеното живеалиште Твое, што си го направил Господи; светилиштето што го подготвија рацете Твои. Да го воспееме Господа,

Господ царува во вековите, и вечно и понатаму. Кога влезе коњаницата Фараонова со колите и јавачите во морето, Господ ја нанесе водата морска врз нив. Да го воспееме Господа,

А синовите Израилеви поминаа по суво среде морето“. Да го воспееме Господа,

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух. Да го воспееме Господа,

И сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин. Да го воспееме Господа,

Зашто славно се прослави.

Пророчества Софониева чтение (Соф 3:8-15)

Така вели Господ: Почекај ме до денот на моето воскрение за сведошто, зашто судот мој е над соборот на народите, за да ги привлечам царевите и да го излеам врз нив Мојот гнев, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на ревноста Моја ќе биде истребена целата земја. Зашто тогаш ќе им дадам на народите јазик за нивниот род, за сите да го призовуваат името на Господа и да Му служат под еден јарем. Од краиштата на реките Етиопски ќе ги примат оние што Ме молат, децата на расселените ќе Ми принесуваат жртви.

Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите постапки, со кои грешеше против Мене, оти тогаш Јас ќе ја отстранам твојата надмена дрскост, и повеќе нема да можеш да се величаш на Мојата света гора. Но ќе те оставам среде народ кроток и смирен, и тие ќе го уважуваат името Господово. Остатоците од Израилот нема да вршат неправда, нема да зборуваат суетно, и во устата нивна нема да се најде јазик лажлив, зашто сами ќе си пасат и ќе лежат, и никој нема да ги застрашува. Радувај се безмерно, ќерко Сионова, разгласувај ќерко Ерусалимска, весели се и насладувај се од сè срце, ќерко Ерусалимска. Господ ги отстрани твоите неправди, те избави од рацете на твоите непријатели. Ќе се зацари Господ посреде тебе: нема повеќе да видиш зло.

Царств третиих чтение (3. Цар 17:8-23) 

И би зборот Господов кон Илија, велејќи: „Стани и оди во Сарепта Сидонска и остани таму. Ете ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни“. И стана, па отиде во Сарепта Сидонска и дојде при градските порти, ете, таму една жена вдовица собираше дрва. И Илија повика кон неа и ѝ рече: „Донеси ми малку вода во сад да пијам!“ Таа отиде, за да земе вода, а Илија повика кон неа и ѝ рече: „Донеси ми в раце и парче леб!“ Таа му одговори: „Жив Господ, твојот Бог, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себеси и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме“. А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна питка за мене и донеси ми; а за себеси и за синот свој ќе направиш после. Зашто вака вели Господ, Бог Израилев: ’брашно во ноќвите нема да недостасува, и маслото во масларникот нема да се намали до денот, во кој Господ ќе даде дожд на земјата‘“ И жената отиде и направи според зборот на Илија и му принесе, и тој јадеше и таа и нејзините чеда. И од тој ден брашно во ноќвите не недостасуваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според зборот Господов, што Он го изрече преку раката на Илија.

Потоа се разболе синот на жената, стопанка на домот, и болеста негова беше толку силна, што не можеше да дише. И му рече жената на Илија: „Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомнеш моите гревови и да го умреш синот мој“. А Илија ѝ рече на жената: „Дај ми го синот твој“. И го зеде од нејзиниот скут, го однесе во горната соба, каде што самиот одмораше и го положи на леглото свое. Па повика Илија кон Господа и рече: „Тешко мене, Господи, Сведоку на вдовицата, при која живеам, си се озлобил за да го умртвиш нејзиниот син“. И дувна трипати на детето, и го повика Господа, и рече: „Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова дете во него!“ И така стана. И повика Илија, и Господ го услиша гласот на Илија, и се врати душата на детето, и тоа оживеа. Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, го предаде на мајка му. И Илија ѝ рече „Гледај, син ти е жив!“ Тогаш жената му рече на Илија: „Сега разбрав, дека ти си Божји човек, и дека зборот Господов во твојата уста е вистинит“.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 61:10–11; 62:1–5)

Нека се зарадува душата моја во Господа: зашто ме облече во риза на спасението, и со одежда на веселие ме одена, како на младоженец ми стави венец и како невеста ме украси со убавина. И како што земјата ги произведува растенијата свои, и како што градината ги изникнува своите семиња – така Господ, Господ ќе израсте правда и веселие пред сите народи. Нема да замолчам заради Сион, ниту ќе се успокојам заради Ерусалим, додека правдата моја не излезе како светлина, и спасението мое како разгорена светилка. И народите ќе ја видат твојата правда, и царевите – твојата слава; и ќе те наречат со ново име, кое ќе го даде Господ. И ќе бидеш венец на убавината во раката Господова и царска дијадема – во раката на твојот Бог. Нема веќе да те нарекуваат „изоставен“, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат „пуста“, туку ќе те нарекуваат „Моја волја“, а земјата твоја – „населена“, зашто Господ благоволил кон тебе, и земјата твоја цела ќе биде населена. Како што момче заживува со девојка, така и синовите твои ќе се соединат со тебе; и како што младоженецот се радува на невестата, така ќе се зарадува твојот Бог за тебе.

Битија чтение (1. Мојс 22:1-18)

По тие настани Бог, искушувајќи го Авраама, рече: „Аврааме, Аврааме!“ А тој одговори: „Еве ме!” Бог продолжи: „Земи го сега саканиот син твој Исаака, кого го засака, па оди во земјата висока, и принеси го таму како сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам. Стана Авраам утрото, го оседла магарето свое, зеде со себе двајца од слугите свои и Исаака, синот свој. Откако исцепи дрва за сепаленицата, се крена, појде и дојде на местото, за кое му рече Бог. На третиот ден, кревајќи ги очите свои, Авраам го здогледа местото оддалеку. И им рече Авраам на слугите свои: „Останете вие овде со магарето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се поклониме, ќе се вратиме кај вас“.

И зеде Авраам дрва за сепаленицата, му ги натовари на Исаака, синот свој, а самиот тој зеде во свои раце огнило и нож; па отидоа обајцата заедно. Тогаш му рече Исаак на Авраама, таткото свој: „Татко!“ А тој одговори: „Што е, чедо?“ И рече Исаак: „Ете огнило и дрва, а каде е овцата за сепаленица?“ А Авраам одовори: „Бог ќе види, чедо, овца за сепаленица“. И отидоа обајцата заедно и стигнаа до местото, за кое му рече Бог. Тука Авраам направи жртвеник, и кладе дрва на него, а откако го врза Исаака, синот свој, го стави на жртвеникот врз дрвата. Тогаш Авраам ја пружи раката своја и го зеде ножот да го заколе синот свој.

Но Ангелот Господен му повика од небото, и рече: „Аврааме! Аврааме!“ А тој рече: „Еве ме!“ И рече: „Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега познав оти се плашиш од Бога штом не го пожали твојот сакан син заради Мене“. И Авраам ги крена очите свои и погледа: а тоа – зад него овен, кој се беше сплеткал со роговите во грмушка савек. И Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе како сепаленица наместо Исаака синот свој. И го нарече Авраам ова место: „Господ виде“. Затоа и денес се вели: „На горичката Господ се јави“. А Ангелот Господен повторно го викна од небото Авраама, и рече: „Се колнам во Себе, вели Господ, заради Кого така направи, и не го пожали саканиот свој син заради Мене. Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и семето твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А семето твое ќе ги наследи градовите на непријателите. И ќе бидат благословени во семето твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој“.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 61:1–9)

Духот Господов е врз мене, зашто ме помаза за да им благовествувам на бедните, ме испрати да ги лекувам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да објавам пријатна Господова година и ден за отплата. Да ги утешам сите оние што плачат, да им дадам слава на оние што плачат на Сион наместо пепел, помазание со веселба на оние што плачат, место опаднат дух – украсување со слава. И ќе ги наречат родови на правдата, насад на Господа во слава. И ќе ги изградат вековните пустини, ќе воздигнат стари урнатини и ќе обноват напуштени градови, запустени со родови. Тогаш ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат овците ваши; туѓинците ќе бидат ваши орачи и ваши лозари. А вие ќе се нарекувате свештеници Господови, служители на вашиот Бог. Ќе ја јадете силата на народите и ќе ви се восхитуваат заради нивното богатство. Вака по втор пат ќе ја наследат својата земја; вечна веселба ќе има на нивната глава. Оти Јас сум Господ, Кој ја сака правдата и го мрази неправедниот грабеж. Ќе го дадам нивниот труд на праведниците и ќе направам со нив вечен завет. Семето нивно ќе биде познато меѓу народите, и внуците нивни – меѓу луѓето. Секој, што ќе ги види, ќе ги познае, зашто се семе благословено од Господа и со радост ќе се зарадуваат во Господа.

Царств четвертих чтение (4. Цар 4:8-37)

Еден ден Елисеј отиде во Сонам. Таму една имотна жена го задржа во домот свој да јаде леб, и тој, многупати кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб. Таа му рече на мажот свој: „Ете, јас знам, дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет; да му направиме мала горна соба и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму“. Еден ден Елисеј отиде таму, се повлече во горната соба своја и си легна таму. Па му кажа на слугата свој Гиезиј: „Повикај ја таа Сонамка“. Тој ја повика, и таа застана пред него. И му рече: „Кажи ѝ: ‘ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на војводата!‘“ Таа одговори: „Не, јас живеам меѓу народот свој“. Елисеј продолжи и рече: „Тогаш што да направиме за неа?“ И рече Гиезиј: „Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар“. И рече Елисеј: „Повикај ја“. Тој ја повика, и таа застана на вратата. Елисеј ѝ рече: „По една година, во ова исто време,ти ќе бидеш жива и ќе зачнеш син“. Таа рече: „Не, господару, немој да ја лажеш слугинката своја“. И жената зачна во утробата и роди син на другата година и беше жива, во она исто време, како што ѝ кажа Елисеј.

Детето порасна и еден ден отиде кај татка си, при жетварите. И му кажа на татка си: „Главата, главата (ме боли)“. А тој му рече на слугата свој: „Одведи го кај мајка му!“ Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре. Таа го крена и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе, па го повика мажот свој и рече: „Испрати ми еден од слугите и една од магариците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам“”. А тој ја праша: „Зошто ќе одиш при него? Денес не е нов месец, не е ни сабота“. Но таа рече: „Мир“. И ја оседла магарицата и му кажа на слугата свој: „Води и врви; не запирај додека не ти кажам“. И тргна и дојде при Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Елисеј ја виде како доаѓа, му кажа на слугата свој Гиезија: „Еве ја онаа Сонамка; отрчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: ‘со мир ли си, со мир ли е мажот твој, со мир ли е детето?‘“ – Таа одговори: „Мир“ А кога дојде при Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи, за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: „Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ сокри од мене и не ми јави“ И таа рече: „Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?“ Тој тогаш му рече на Гиезија: „Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го благословувај; а ако некој те благослови, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!“ А мајката на детето рече: „Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам“. Тогаш стана Елисеј и тргна по неа. Гиезиј отиде пред неа и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: „Детето не станува“.

И Елисеј влезе во куќата, и ете, детето умрено лежи на леглото негово. И влезе во домот, им ја затвори вратата на двајцата му се помоли на Господа. Потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, рацете свои врз неговите раце и нозете свои врз неговите нозе, и се простре врз него, и дувна на него и телото на детето се загреа. Потоа се врати и почна да оди по куќата натаму – наваму; потоа пак се качи и се простре седумпати врз детето и детето ги отвори очите свои. Па Елисеј го повика Гиезија и му рече: „Викни ми ја онаа Сонамка!“ И тој ја повика и таа дојде при него. Елисеј ѝ рече: „Земи си го синот свој!“ Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе.

Пророчества Исаиина чтение (Ис 63:11–19; 64:1–5)

Така вели Господ: Каде е Оној што го изведе од земјата пастирот на Своите овци? Каде е Оној што го вложи во нив Светиот Дух? Кој го водеше Мојсеја со десницата, Својата величествена мишка? Ги раздели пред него водите, за да Си создаде вечно име. Кој ги водеше преку бездни, како коњ по пустината и тие не изнемоштеа и како стадо по поле? Слезе Дух од Господа и ги поведе. Така и Ти го водеше Својот народ, за да Си создадеш славно име за Себеси.

Ѕирни од небесата и погледни од Твојот свет дом и од славата Твоја: каде се ревноста и силата Твоја? Големата Твоја милосрдност и милостите иТвои кон нас запрени се. Зашто Ти си Отец наш; зашто Авраам не нè знае, ниту Израил не нè позна. Ти, Господи, си наш Отец, избави нѐ, отсекогаш Твоето име е над нас. Зошто Господи, си нѐ отстранил од Твоите патишта, и си ги ожесточил срцата наши, за да не се плашиме од Тебе? Сврти се заради Твоите слуги, заради племињата на Твоето наследство. Барем малку да ја наследиме Твојата света гора. Противниците наши го изгазија твоето светилиште. Ние станавме такви, како порано, кога не владееше над нас и кога не се повикуваше името Твое над нас.

Ако ги отвориш небесата, трепет ќе ги опфати горите и ќе се стопат, како што се топи восокот од лицето на огнот, и оган ќе ги изгори непријателите и ќе им биде објавено името Твое на непријателите. Од лицето Твое ќе се збунат народите, кога ќе извршиш славни дела, трепет ќе ги опфати горите од Тебе. Од дамнина не слушнавме, ниту нашите очи видоа друг бог, освен Тебе, и делата Твои, кои ги вршиш за тие што чекаат милост. Зашто милоста ќе ги сретне тие што вршат правда и Твоите патишта ќе ги спомнуваат.

Пророчества Иеремиина чтение (Jер 31:31-34)

Така вели Господ: „Ете доаѓаат дни и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рацете нивни, за да ги изведам од Египетската земја; оти тие не останаа во Мојот завет, и јас ги занемарив, вели Господ. Но овој е заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе ги положам Моите закони во мислите нивни и ќе ги напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И нема секој да го учи својот ближен и брат- брата си велејќи: ‘познај Го Господа’, оти сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, бидејќи ќе бидам милостив за нивните неправди, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“.

Пророчества Даниилова чтение (Дан 3:1-88)

Во осумнаесеттата година царот Навуходоносор направи златен лик, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави на полето Деир, во областа Вавилонска. И испрати царот Навуходоносор, да се соберат сите намесници, војводи, градоначалници, водачи и управители, и сите што се на власт и сите обласни управители за да дојдат на посветувањето на идолот, што го постави царот Навуходоносор. И се собраа градоначалниците, намесниците, војводите, водачите, големите управители, водачите, сите што се на власт и сите обласни управители на посветувањето на ликот што го постави царот Навуходоносор и застанаа пред ликот што го постави царот Навуходоносор.

Тогаш гласникот гласно извика: „Ви се објавува вам народи, луѓе, племиња и јазици.
Штом ќе го чуете звукот од трубата, од свирката, од гуслето, од цитрата и од псалтирот, и мелодија, и секаква друга свирка, паднете и поклонете му се на златниот лик што го постави царот Навуходоносор. А кој нема да падне и не се поклонува, во истиот час ќе биде фрлен во разгорена огнена печка“. Тогаш кога луѓето го чуја звукот од трубата, свирката и гуслето, цитрата и псалтирот, мелодијата и секоја друга свирка, паѓаа сите луѓе, племиња и јазици и му се поклонуваа на златниот лик што го постави царот Навуходоносор.

Тогаш дојдоа некои мажи Халдејци и ги обвинија Јудејците, па му рекоа на царот Навуходоносор: „Царе, жив да си довека! Ти царе, даде заповед секој човек штом ќе го чуе гласот од трубата, свирката, гуслето, цитрата и псалтирот, и мелодијата и секоја друга свирка, ако не падне и не се поклони на златниот лик, да биде фрлен во разгорена огнена печка. Но има мажи Јудејци што си ги поставил над работите на земјата вавилонска – Седрах, Мисах и Авденаго; тие не ја послушаа твојата заповед, царе, на твоите богови не им служат и на златниот лик што го постави не му се поклонуваат“.

Тогаш Навуходоносор во јарост и гнев рече да ги доведат Седраха, Мисаха и Авденага; и доведени беа пред царот. Навуходоносор им се обрати и им рече: „Седрахе, Мисахе и Авденаго, навистина ли не им служите на моите богови, и на златниот лик, што го поставив, не му се поклонувате? Отсега, подгответе се штом ќе го чуете звукот на трубата, свирката и гуслето, цитрата и псалтирот, мелодијата и секоја друга свирка, паднете и поклонете се на златниот лик што го направив. Ако, пак, не се поклоните, во истиот час ќе бидете фрлени во разгорена огнена печка и тогаш кој е богот што ќе ве истргне од раката моја?“ Одговорија Седрах, Мисах и Авденаго и му рекоа на царот Навуходоносор: „Нема потреба да ти одговориме на тоа. Нашиот Бог, Кому Му служиме, е на Небесата и е силен да нè спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе, да нè избави. Ако пак и тоа не се случи, да си знаеш царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот лик што си го поставил нема да му се поклониме“.

Тогаш Навуходоносор се исполни со јарост и изгледот на лицето негово се измени против Седраха, Мисаха и Авденага, па заповеда да запалат печка седумпати посилно за да се разгори до крајност.И им заповеда на најсилните  и најјаките мажи им рече да ги оковаат Седраха, Мисаха и Авденага и да ги фрлат во вжарената печка. Тогаш тие мажи беа околните со своите шалвари, покривала, и обувки и со своите алишта и беа фрлени среде печката огнена што гореше. Бидејќи царската заповед беше строга, и печката беше вжарена прекумерно, пламенот од огнот ги умртви луѓето што ги фрлија Седраха, Мисаха и Авденага. А тие тројца мажи  – Седрах, Мисах и Авденаго паднаа во разгорената огнена печка оковани и одеа меѓу пламенот, воспевајќи Го Бога и благословувајќи Го Господа.

[Пофалбата им го угаси пламенот на трите младичи. Молитвата на светите три момчиња. Боже на отците и наш, благословен Си.]

Тогаш Азариј стана со нив и се помоли вака, па ја отвори устата своја среде огнот и рече: „Благословен си Господи, Боже на татковците наши, фалено е и прославувано името Твое во вековите. Зашто Ти си преведен во сè што направи со нас и сите Твои дела се вистински, патиштата Твои се прави и сите судови Твои се вистински. Ти изврши вистински судови во сè што испрати против нас и против Ерусалим, светиот град на татковците наши, бидејќи по вистина и по суд Ти го испрати сево ова против нас заради гревовите наши. Оти ние згрешивме и безаконувавме кога отстапивме од Тебе, и во сè згрешивме. Заповедите Твои не ги послушавме и не ги пазевме и не постапувавме како што ни беше заповедал, за да ни биде добро. И сè што ни направи и сè што ни испрати нам го направи според вистинскиот суд . Па нè предаде во рацете на безакони непријатели, на најомразените отстапници и на неправеден и најзол цар на земјата. И сега не можеме да ја отвориме устата своја; станавме за срам и подбив на слугите Твои и на оние кои Те почитуваат. Но не предавај нè до крајот заради името Твое и не разрушувај го заветот Свој. Не одземај ја од нас милоста Своја заради Авраама, возљубениот од Тебе, заради Исаака, Твојот слуга, и Израила, светијата Твој, на кои си им говорел дека ќе го умножиш семето нивно како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег. Намалени сме, Господи, повеќе од сите народи и денес сме понижени по целата земја заради гревовите наши. Во ова време немаме ни кнез, ни пророк, ни водач, ни сепаленици, ни жртви, ни приноси, ни кадило, ниту место да Ти принесуваме жртва и да најдеме милост. Но, со скрушена душа и со дух смирен нека бидеме примени. Како при сепаленици на овни и јунци, како при десетици илјади угоени јагниња, така да ти биде жртвата наша, денес пред Тебе Господи, и да се изврши за Тебе, оти нема срам за оние што се надеваат на Тебе. И сега ние одиме (по Тебе) од сè срце и се боиме од Тебе и го бараме Твоето лице. Не посрамувај нè, но направи со нас според Твојата кротост и според милоста Твоја голема. Избави нè преку чудесата Твои и дај му слава на името Твое, Господи, па да се посрамат сите што им прават зло на слугите Твои, да се засрамат со целата своја сила и моќра нивна да се сруши. Нека познаат дека Ти си Господ Бог, единствен и славен по целата вселена“.

Царските слуги што ги беа фрлиле, не престануваа да ја разгоруваат печката со нафта, смола, коноп и деланки, па се креваше пламен над печката, висок четириесет и девет лакти, и се прелеваше и ги изгоруваше и оние Халдејци што ќе ги досегнеше околу печката. Но Ангелот Господен слезе во печката заедно со Азарија и оние што беа со него. И го истресе огнениот пламен од печката и така ја направи средината на печката како да шумоли влажен ветар, и огнот воопшто не се допираше до нив и не ги повреди ниту ги вознемири.

Тогаш тие тројцата, како од една уста, Го пееја, благословуваа и славеа Бога во печката, говорејќи: „Благословен си Ти, Господи, Боже на татковците наши и воспеван и превознесуван во векови и благословено е светото име на Твојата слава, превоспевано и превознесувано во вековите. Благословен си Ти во храмот на Твојата света слава и воспеан си и превознесуван во вековите. Благословен си Ти, Кој ја гледаш бездната, Кој седиш на херувими и си воспеван и превознесуван во вековите. Благословен си Ти на  престолот на славата на Твоето царство, воспеван си и превознесуван во вековите.
Благословен си Ти на сводот небесен, воспеан си и превознесуван во сите векови.

[Владиката воспеј го природо на создадените. Господа пејте го дела и превознесете го сите векови.]

Господа воспејте Го и превознесете Го во сите векови.

Благословете го сите дела Господови,

На секој стих се пее: Господа воспејте Го и превознесете Го во вековите.

Благословете Го, ангели Господови

Благословете Го, небеса Господови

Благословете Го, сите води, што сте над небесата,

Благословете Го  Господа, сите сили Господови,

Благословете Го, сонце и месечино,

Благословете Го  Господа, ѕвезди небески,

Благословете Го сите дождови и роси,

Благословете Го  Господа, сите ветрови,

Благословете Го, огне и жару,

Благословете Го  Господа, студу и горештино,

Благословете Го, росо и сињаку,

Благословете Го  Господа, леду и мразу,

Благословете Го, слано и снегу,

Благословете Го, светлино и темнино,

Благословете Го  Господа, ноќи и денови,

Благословете Го  Господа, молњи и облаци,

Да Го благослови земјата,

Благословете Го  Господа, планини и ридови

Благословете Го  Господа, сите растенија по земјата,

Благословете Го извори,

Благословете Го  Господа, мориња и реки,

Благословете Го, китови и сè што се движи по водите,

Благословете Го, сите птици небески,

Благословете Го, ѕверови и сиот добиток,

Благословете Го, синови човечки,

Израил нека Го благослови Господа,

Благословете Го свештеници Господни,

Благословете Го слуги Господови,

Благословете Го духови и души на праведниците,

Благословете Го праведни и смирени по срце,

Благословете Го Ананиј, Азариј и Мисаил”.

Благословете Го апостоли, пророци и маченици Господови

Да го благословиме Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Го воспеваме Господа и Го превознесуваме  во вековите.

И сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин. Господа воспејте Го и превознесете Го во вековите.

Го фалиме, благословуваме и Му се поклонуваме на Господа,

Пеејќи Го и превознесувајќи Го во сите векови.

Напишете коментар