Канон во втората недела од Великиот пост

Канон од Триодот, глас 8.

Песна 1

Ирмос: Колесничарите на фараонот, некогаш, ги потопи чудотворејќи Мојсеевиот жезол, и со крстообразен удар го раздели морето. Израил, пак, пеш бегајќи се спаси, и песна на Бога воспеваше.

Ги примивме зборовите на блудниот син, па со топли солзи припаѓаме кон Тебе Отец на сите и Бог, велејќи: грешевме и од Тебе се оддалечивме, и на блудот му робувавме, но прими го нашето покајание.

Го пренебрегнав царското благородие, што си ми го дал, Слово, Кој стана човек заради мене. Сурово се осудив да им угодувам на свињите хранејќи се со гревот, но поштеди ме Спасителе со Твоето милосрдие.

На колена паѓам, како порано блудниот син, Владико Господи. Ти притекни ми и прими ме, со рацете прегрни ме и дај ми го Твоето спасение, наместо наемник, повторно син Твој направи ме Човекољупче.

Богородичен: Преку Тебе Богоизрадувана, човечката природа се удостои за богојавление, оти само ти си застапница меѓу Бога и луѓето. Затоа како Божја Родителка сите достојно те славиме.

Песна 3

Ирмос: Врвотворецу на небесниот свод, Господи, и на Црквата Ѕидателу, утврди ме во љубовта Твоја, посакувано скончание, на верните утврдување, Единствен Човекољупче.

Се исплашив од моите дела и прогонството во далечна земја, и растурањето на Твоето богатство, кое го истрошив во блудни потфати, па со покајание кон Тебе викам, мојот Отец и Бог: згрешив, спаси ме.

Грешам на земјата, од небесата се исплашив, оти тие ќе ме обвинат на судот, кога сите ќе станат да бидат судени од Твојот праведен суд, Слово.

Мрачните и скверните помисли ме хранеа, кога од Тебе Спасителе, јас блудниот се оддалечив. Сега ти повикувам: згрешив, згрешив, спаси ме, усрдно притекнувајќи кон Твоето милосрдие.

Богородичен: Се обожи Дево Адамовата природа, оти од Твојата утроба, Бог се јави во тело, Тој нѐ извлече од древната осуда, оти порано бевме излажани од надежта за обожение.

Песна 4

Ирмос: Ти си моја крепост, Господи, Ти си и моја сила, Ти си мој Бог, Ти- мое радување, не оставајќи ги недрата на Отецот и нашата сиромаштија си ја посетил. Затоа со пророкот Авакум Ти повикувам: слава на Твојата сила, Човекољупче

Богатството на татковските заповеди, кое ми го дарува, го истрошив во сладострастие, Јас кутриот сега сум беден без Божествените дарови, но се каам и се исповедам: не отфрлај ме Владико Господи.

Богоподобно ја прими мојата немаштија, а мене од дамнина оддалечениот од Тебе, ме присвојуваш при себе и ме осветуваш со веселба Човекољупче. Твоето Божествено тело, Слово, ме повикува и ме развеселува.

Со непрестани солзи, за да се избавиме од вечните маки, наменети од Бога за злите духови, како блудниот син викаме: Ти згрешивме Оче, но прими нѐ сите кои притекнуваме кон Твојата милост.

Богородичен: Собеспочетното Слово на Отецот и Духот, се раѓа натприродно од Дева која не познала маж. Остана тоа што беше, но засекогаш го зачува тоа што од нас го прими. Во две природи е едниот Син, во обете го чува ним својственото.

Песна 5

Ирмос: Заради што си ме оттргнал од лицето Твое, Светлост Незаодна, и ме покрила туѓа темнина, мене кутриот? Но, обрати ме и кон светлината на Твоите заповеди упати ги моите патишта, се молам.

Се лишив од богатсвото и божествените дарови, и дојдов во земја каде страден сум за животните блага, но Ти Оче како добар, исполни ме се поранешната слава и наслада, заради Твојата добросрдечност.

Да помислиме на блудниот, кој животот го потроши во блуд, да притекнеме кон милостивиот Отец со несомнена вера и скрушени срца, за да примиме простување на согрешенијата.

Не задоцнувај душо моја изгонета во далечна земја, но трчај побрзо, исповедај Му се на Бога и Отца, за да примеш разрешение од сите зла на кои го потроши животот.

Богородичен: Те познавме како светлиот облак што го носи во себе Сонцето на правдата, што ја изгонува бесмислената темнина идолска и просветлува со познанието на вистината.

Песна 6

Ирмос: Молитва ќе излеам кон Господа и маките Нему ќе Му ги кажам, зашто со зла се исполни душава моја, и животот мој на адот му се приближи, и се молам како Јона: „Од гибелта, Боже, подигни ме“.

Бев Твојот најмлад син, и Твоето богатство на зло го истрошив, се оддалечив со лошиот живот и се лишив од Твоите добрини Човекољупче. Приоѓам кон Тебе мојот Отец и Бог и молам за прошка.

Стекнав безчовечно туѓинување и бев осуден да пасам свињи, зашто го растурив моето богатство, кое милостиво ми го даде, и останав без ништо; но ти како Бог мој уштедри ме.

Немам смелост Човекољупче, да погледнам и да ги видам безмерните небесни височини оти згрешив, ниту смеам да се наречам Твој Син, јас блудниот, но уштедри ме дарум, Ти Кој имаш безмерна милост.

Богородичен: Неискажлива е Твојата Рожба и неизречив е начинот на раѓањето Девице, оти Бога надумно го раѓаш, сочувувајќи го девството нескверно. Затоа сите како вистинска Богородица достојно те славиме.

Песна 7

Ирмос: Некогаш, од Јудеа отроците во Вавилон дојдени, со вера Троична, пламенот од печката го згаснаа, пеејќи: „ Боже на отците, благословен си!“

Немам смелост да се наречам Твој Син, Оче Човекољупче, те молам да станам еден од Твоите наемници; не гнаси се од мене кој викам: Боже на отците наши, благословен си.

Со поранешното живеење го осквернивме животот, и го загубивме првото благородие, да притекнеме кон Единствениот наш Отец и Бог, со топлото покајание да примиме спасение.

Јас кутриот се осудив да му робувам на жесток граѓанин, силен и неиздржив глад ме обзеде и на свињите им угодувам, но обраќајќи се молам Спасителе, помилувај ме.

Богородичен: Си ја оживеала умртвената природа, Дево Богородице, зашто единствена си Го родила Животот. Затоа ние верните те познавме како спасение кое Го роди во тело Бога на нашите отци.

Песна 8

Ирмос: Седумкратно ја разгоре печката за богочестивите, полуден халдејскиот мачител. Но кога ги виде спасени од Најголемата сила, на Творецот и Избавител му повикуваше: момчиња благословете Го, свештеници воспејте Го, луѓе превознесете Го во сите векови.

Ние кои поверувавме во Тебе, го знаеме безмерното и големо богатство на Твоето милосрдие. Затоа сите ние топло Ти припаѓаме заедно со блудниот син: прими ги грешниците што притекнаа кон Тебе, оти нема, нема грев, Милостиви, што може да го победи Твоето човекољубие.

Заради милосрдието Владико се понизи Себеси, им се приближи на паднатите Твои синови. Самиот Ти Човекољупче ги пречека паднатите, ги целива и им дарува спасение. Макар некој и да падне, Ти не се гневиш, оти си милостив и човекољубив.

Ме очекува најстрашен суд, о Владико, оти Те гледам дека си човекољубив и незлобив, а не притекнувам кон Тебе, викајќи со гласот на блудниот, туку го поминувам животот во мрзливост. Ти пак биди милостив кон мене, и заради покајанието, од онаа осуда извлечи ме Милостиви.

Троичен: Не славиме три бога, туку едно Божество, вистински почитуваме три Ипостаси: неродениот Отец, Синот роден од Отецот, и Светиот Дух кој од Отца исходи. Троица како еден Бог, иако секоја (ипостас) се именува Бог, прославуван со вера.

Богородичен: Клапнат сум од многуте напасти, Сенепорочна, и потопен од бурата на тагите, пристаниште на спасението Пречиста, со Твојата молитва избави ме и извади ме од неволјите и спаси ме, за достојно како топла застапница да те славам Богородице вечно.

Песна 9

Ирмос: Се ужасна заради ова Небото, и се восхитија краиштата на земјата, оти Бог се јави човек плотски, и Твојата утроба стана попространа од небесата. Затоа, Тебе Богородице, чиноналијата на ангелите и луѓето Те величаат.

Заради мене го закла Твоето теле, со радост и веселба исполни ја мојата душа која Те очекува, прими ме заблудениот и мене умртвениот врати ме во живот и во божествената облека на спасение и нераспадливост облечи ме.

Души оддалечени од Бога и лишени од Божествените дарови, дојдете усрдно, и земајќи го покајанието на блудниот да повикаме: Оче благи, Кој си на небесата, сите Ти згрешивме, очисти и спаси ги тие што прибегнуваат кон Твојата милост.

Зашто имаш големо мноштво на милосрдие, не гнаси се од мене, Господи, Господи, во многу сласти го растурив богатството, и сега прибегнувам и повикувам со гласот на блудниот: Ти згрешив, спаси ме мене кој прибегнувам кон милоста Твоја.

Богородичен: Јас, Твојот слуга те имам за пристаниште и водач на спасението и застапница, од сите лути несреќи, зашто си добра, Владичице со Твоите молитви да се избавам. На Тебе сета моја надеж со љубов ја положив и со вера Те величам.

Напишете коментар