Молебен во време на погубна епидемија и смртоносна зараза

Ако е присутен свештеник, почнува свештенички, ако не, тогаш говориме:

По молитвите на светите отци наши, Господи Исусе Христе, помилуј нè!

Слава Ти, Боже наш, слава Ти.

Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си на секаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрини и на живот Подателу, дојди, всели се во нас, очисти нè од секаква скверност и спаси ги, Благи, душите наши.

Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè.  (трипати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите.

Пресвета Троице, помилуј нè: Господи, очисти ги гревовите наши; Владико прости ни ги беззаконијата наши; Свети, посети нè и исцели ги слабостите наши, заради името Твое.

Господи помилуј! (трипати)

Слава и сега:

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на Небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај нè во искушение, туку избави нè од лукавиот.

Господи помилуј! (12)

Слава и сега:

Дојдете, да Му се поклониме на Царот, нашиот Бог. Дојдете, да Му се поклониме и да припаднеме кон Христа, Царот, нашиот Бог. Дојдете, да Му се поклониме и да припаднеме кон Самиот Христос, Царот и Бог наш.

Псалм 37

Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме, зашто стрелите Твои се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене. За телото мое нема лек од Твојот гнев; во коските мои нема мир од гревовите мои; зашто беззаконијата ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. Смрдат и гнијат раните мои поради безумието мое. Настрадав и се стопив сосема, цел ден натажен одам; бидејќи одвнатре горам од оган, нема лек за телото мое. Озлобен сум и прекумерно понизен; рикав поради воздишките на срцето мое. Господи, пред Тебе се сите мои желби, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе. Срцето ми се возбуди, и ме напушти силата моја, и светлината на очите мои – и неа ја нема во мене. Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене, а оние што ја бараа душата моја, зборуваа лошо и без основа и секој ден кроеја сплетки; а јас, пак, како глув не слушав и сум како нем, кој не ја отвора устата своја; станав како човек, што не слуша и што во устата своја нема прекор, зашто на Тебе, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој. Оти си реков: да не се погордеат над мене моите непријатели; и кога ми се поколебаа нозете мои, тие изговорија лоши зборови над мене. Готов сум да паднам, и јадот мој секогаш е пред мене, Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој. А непријателите мои живеат и сѐ посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат, па враќајќи ми зло за добро, бидејќи бев за правда, тие ме отфрлија како мртовец. Не оставај ме, Господи, Боже мој, не отстапувај од мене; побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!

 Псалм 90

Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небескиот Бог. И ќе Му рече на Господа: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам! Зашто Он ќе те избави од стапицата на ловецот, и од збор кој збунува. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: како што ќе те окружува Неговата вистина. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од суштества што одат во темнина, од зараза и од бес што опустошува напладне. Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат; само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците. Зашто, ти, си, Господи, надеж моја, Севишниот го избра за Свое прибежиште; зло нема да Ти се случи, и неволја нема да Ти се приближи до телото Твое; затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да те чуваат на сите патишта Твои. Ке Те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата Своја; на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе убиваш. “Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам, ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене”.

Слава, и сега:

Алилуја, алилуја, алилуја, слава Ти, Боже. (трипати)

 На великата ектенија по За оние кои пловат: се вметнуваат овие прозби:

 За да не ги спомнува беззаконијата и соблазните на нас, грешните и недостојни раби Свои, но милостиво да ги очисти нашите гревови и да го одврати Својот гнев, праведно насочен на нас, да се помолиме на Господа

За да не нè изобличува со јароста, ниту да нè казнува со гневот, но да си спомне дека сме тело, дух кој оди и не се враќа, и милостиво да ги поштеди од смртта нашите души, да се помолиме на Господа

За да не влезе во суд со Своите раби и да не гледа на нашите беззаконија, но да ги очисти, и да биде милости и да ги поштеди луѓето кои згрешиле, да се помолиме на Господа

За да си спомне за штедростите и милостите свои, кои се вечни, а гревовите на младоста и нашето незнаење да не го спомне и да нè помилува, да се помолиме на Господа

За да го чуе од Својот свет храм нашиот глас и да ги исцели смртните болести кои нè обземаат и да ги исуши потоците на беззаконијата, кои не смутија, да се помолиме на Господа

За скоро да нè изведе од смртната мрежа и да нè избави од адските болести, да се помолиме на Господа

За милостиво да им го продолжи времето на покајание на Своите раби и не во невреме да ги пресече како неплодната смоква, но со благосрдечноста да ги ископа и со росата на милосрдието да ги напои, чекајќи ги сè уште плодовите на покајанието и нашето обраќање, да се помолиме на Господа

За да нè изведе од смртните врати и и милостиво да ги одврати од нас извадениот меч и Својот затегнат лак и во него смртните оружја со разгорени стрели за нас праведно наменети,  да се помолиме на Господа

За да ја услиша нашата молитва и да го чуе нашето молење и да не ги премолчи нашите солзи, туку да ни даде олеснување, да се успокоиме пред да отидеме и повеќе да не постоиме, да се помолиме на Господа

За да се избавиме: и остатокот.

Возглас: Зашто Тебе Ти прилега:

Потоа: Бог Господ ни се јави, благословен е Оној што доаѓа во името Господово со своите стихови

Тропар глас 2

Спомни ги Боже, во гневот Свој, штедростите Твои, оти прав и пепел сме, и не  изобличувај  нѐ  со Твојата јарост, за до крај да не погинеме, но поштеди ги душите наши, како единствен Милосрден. (двапати)

Слава, и сега. Богородичен: Усрдна застапничке, Мајко на Вишниот Господ, за сите го молиш Синот Твој, Христос нашиот Бог, и правиш да се спасат сите кои прибегнуваат кон Твојот моќен покров. Застапи се за сите нас, о, Госпоѓо Царице и Владичице, оти сме во неволји, жалости и болести, обременети со многуте гревови. Стоиме пред Тебе и Ти се молиме, со умилна душа и срце скрушено, пред Твојот пречист образ, со солзи, имајќи непоколеблива надеж во Тебе, дарувај ни избавување од сите зла, и сите спаси ги, Богородице Дево, оти Ти си божествен покров на Твоите раби.

Псалм 50

Смилувај се на мене, Боже, по Твојата голема милост, и по мноштвото на штедроста Твоја, очисти ме од беззаконието мое. Најнапред измиј ме од моето беззаконие и од гревот мој очисти ме. Зашто јас го знам моето беззаконие и гревот мој секогаш е пред мене. Тебе единствено Ти згрешив и зло пред Тебе сторив, за да се оправдаш во зборовите Свои и да победиш кога ќе судиш. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка. Ете, вистината си ја возљубил, и надумната и тајна премудрост Твоја си ми ја јавил. Пороси ме со исоп и ќе се очистам, измиј ме и побел од снег ќе бидам. Дај ми да слушам радост и веселба, да се зарадуваат коските скрушени. Одврати го лицето Твое од гревовите мои и сите мои беззаконија избриши ги. Срце чисто соѕидај во мене, Боже, и дух вистински обнови во утробата моја. Не отфрлај ме од лицето Твое и Духот Твој Свет не одземај го од мене. Дај ми ја радоста на спасението Твое и со Дух Владичествен утврди ме. Ќе ги научам беззакониците на патиштата Твои, и нечестивите кон Тебе ќе се обратат. Избави ме од крв, Боже, Боже на моето спасение, ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја. Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја објавува пофалбата Твоја. Зашто, да сакаше жртва, ќе Ти ја принесев, сепаленици не благоволиш. Жртва за Бога е духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре. По благоволението Свое, Господи, чини му добро на Сион и нека се возвишат ѕидините ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците, тогаш на олтарот Твој ќе се полагаат телци.

Канон, глас 8, кон Пресветата и Единосуштна и Животворна и Неразделна Троица

Песна 1

Ирмос: Колесничарите на фараонот, некогаш, ги потопи чудотворејќи Мојсеевиот жезол, и со крстообразен удар го раздели морето. Израил, пак, пеш бегајќи се спаси, и песна на Бога воспеваше.

Припев: Милостив Господи, помилуј ги Твоите раби.

Сетворечка и Единосушна, и Сопрестолна и Единосилна и Трисветла Славо, Отче Недостижен, Сине и Духу Свети, од лутата болест ослободи ги Твоите раби, за благодарствено да Те славиме.

Гревовната бура нѐ исфрли во длабочината на немоќта и зачестените болести, како бранови нѐ покриваат нас кутрите. Едносилна Тврдино, Троице Света, смилостиви се и спаси нѐ нас кои загинуваме.

Слава: О, Троице неразделна, избави нѐ нас Твоите раби од нашите гревови, со росата на Твојата милост гасејќи ја жештината на нашите лути болести, и подај ни здравје, за православно да Те воспеваме.

И сега, Богородичен: Ти, Која во утробата го носеше Избавителот и Сесоздател и Господ, Кој ги понесе нашите болести; Него моли Го Сечиста, да ги избави Твоите раби од лутата немоќ, единствена Помошнице на луѓето.

Песна 3

Ирмос: Врвотворецу на небесниот свод, Господи, и на Црквата Ѕидателу, утврди ме во љубовта Твоја, посакувано скончание, на верните утврдување, Единствен Човекољупче

Небесните хорови, ангелските чинови, престолите, и началата, и силите, и господствата, Те Молат Благиот и Спасител: од погубната зараза ослободи ги Твоите раби.

За да ја покажеш бездната на Твоето големо човекољубие, Владико Сесилен, од смртоносната зараза, и од лутите болести ослободи ги Твои раби, единствен Долготрпелив.

Слава: Како Божји предстојатели, службени духови, ангели и архангели, Него молете Го, да ја стиша болеста, да ја разори болката, и да нѐ избави од смртоносниот удел.

И сега, Богородичен: Христос Господ, бездната која од Тебе излезе, Те покажа за извор на богати исцеленија, Отроковице Пренепорочна. Затоа избави ги од немоќта, Твоите слуги, потопени од бурата на болеста.

Катавасија: Избави ги од беди и болести Твоите раби, Многумилостив, зашто ние усрдно кон Тебе прибегнуваме, кон Милостивиот Избавител и Владика на сите, во Троица славениот Бог.

Седален, глас 2

Не отфрлај ги до крај, Твоите луѓе, кои Ти згрешија, Владико и не прекинувај ги твоите милости и штедрости кон нас. Но, зашто си Бездна на штедроста, и Понор на милосрдието, прими ги нашите молби, и избави нѐ од заканата на бедите и неволјите, оти си единствен Добросрдечен.

Песна 4

Ирмос: Ти си моја крепост, Господи, Ти си и моја сила, Ти си мој Бог, Ти- мое радување, не оставајќи ги недрата на Отецот и нашата сиромаштија си ја посетил. Затоа со пророкот Авакум Ти повикувам: слава на Твојата сила, Човекољупче

Сега навистина нѐ обви смртната сенка, и нѐ приближи кон адовите врати, но Ти, Спасителе, како силен, поврати нѐ и запрепасти ги со Твојата милост и спаси ги оние што со несомнена вера повикуваат: слава на Твојата сила, Човекољупче

Христови таиници, самовидци и проповедници, кои примивте дар на исцеление и душевни лекари, апостоли, избавете нѐ од заканата на болеста, молејќи го Исуса, Владиката, Избавителот и Господ.

Слава: Нѐ достигна бурата на гревовите, брановите на немоќта нѐ колебаат, нѐ потопуваат честите болести, нѐ снајдоа таги и болести, нас кутрите. Затоа, апостоли Господови, со вашите молби, подајте ни ја раката на помошта.

И сега, Богородичен: Со лути и чести болест удираните, кон Тебе Дево, припаѓаме, со твојот моќен покров, спаси нѐ сите, Чиста. Смилостиви се, Богоневестна, избави нѐ од поморот и лутата немоќ и исцели ја болеста, Владичице.

Песна 5

Ирмос: Зошто си ме оттргнал од лицето Твое, Светлост Незаодна, и ме покрила туѓа темнина, мене кутриот? Но, обрати ме и кон светлината на Твоите заповеди упати ги моите патишта, се молам.

Свештени пророци со вашите медоточни молења, го потопивте морето на погубната измама. Сега претворете ја сета горчина на сегашнава погубна немоќ, во божествената сладост на здравјето.

Прободени бевме со стрелите на немоќта, по Твоја повелба, Господи, и тежи Твојата рака над нас, Сесилен. Како милосрден Бог, уштедри ги сите со Твојата милост, по молитвите на светите маченици Твои.

Слава: Како што некогаш, умрениот син на вдовицата си го подигнал со Твојата повелба, Слове, така и сега, избавувајќи ги Твоите раби од лутата немоќ, оживотвори ги, единствен Човекољупче.

И сега, Богородичен: Во животната ноќ, нѐ снајде бурата на секое озлобление, и нѐ покри, Дево, длабоката темнина на немоќта. Но, блесни ни, Пречиста, светлина освежителна, и кон светлоста на Христовите заповеди, управи ги нашите патишта.

 Песна 6

Ирмос: Очисти ме, Спасителе, многу се моите беззаконија, и од длабината на злото изведи ме, се молам, оти кон Тебе повикав, и услишај ме, Боже на моето спасение.

Во понорот на пропаста и немоќта се давиме и брановите на погубната болест нѐ поклопуваат. Господи Кормилару, сега пружи ја раката на помошта и спаси нѐ.

Како што некогаш, со божествената заповед, си го исправил раслабениот од болното страдање, и нас од леглото на озлоблението и од претешката болест, помилуј, подигни нѐ и подај ни здравје, Многомилостиве.

Слава: Хорот на пророците, собранието на апостолите, полкот на страдалците, сега Те молат, Единствен Многумилостиве, за Твоите луѓе, нив помилуј ги.

И сега, Богородичен: Марие, чиста ризнице на девството, Ти очисти нѐ од болести и таги, и од немоќта која нѐ обзела избави нѐ, за да те прославуваме со вера.

Катавасија: Избави ги од беди:

Кондак, глас 6

Адски болести нѐ опколија, и нѐ покри смртната сенка, и како восокот пред огнот, нашите дни исчезнуваат од пред лицето на Твојот гнев, Господи. Но, како милосрден, во гневот спомни си за милоста и поштеди ги Твоите луѓе, па останувајќи живи, во покајание да Те славиме единствениот Човекољубец.

Прокимен, глас 4: Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,

Стих: Зашто стрелите Твое се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене

Апостол: Послание кон Евреите, зач. 331 (12:6–13).

Алилуја, глас 4. Стих 1: Смртни маки ме обзедоа, и потоци од беззаконија ме вознемирија;

Стих 2: Пеколни болести ме опколија, смртни стапици ме стегнаа.

Евангелие од Лука, зач. 16 (4:37–44).

Песна 7

Ирмос: Се засрами некогаш огнот во Вавилон, од Божјото снисходење. Заради тоа момчињата во печката, со радосен чекор, како во ливада, ликувајќи, пееја: благословен си Боже на нашите отци.

Ме гори печката на безмерните болести, и ме спалува непрестано бесрамниот пламен на погубната грозница, но со росата на Твојата милост, освежи ги тие што пеат: благословен си Боже на нашите отци.

Пророци, апостоли, собори на мачениците, божествени учители, со вашите молби скротете ја болеста од која страдаме, и подарете ни здравје нам кои пееме: благословен си Боже на нашите отци.

Слава: Господи, Кој со збор го воскресна Лазара, сега, како од гроб, подигни и оживи нѐ нас, за да запееме благодарствена песна: благословен си Боже на нашите отци.

И сега, Богородичен: Милостива си и Мајка на Семилостивиот, смилувувајќи се, избави ги Твоите луѓе, кои ја призиваат твојата милост, Дево, и пеат: благословен си Боже на нашите отци.

Песна 8

Ирмос: Седумкратно ја разгоре печката за богочестивите, полуден халдејскиот мачител. Но кога ги виде спасени од Најголемата сила, на Творецот и Избавител му повикуваше: момчиња благословете Го, свештеници воспејте Го, луѓе превознесете Го во сите векови.

Со болка стенкаме од леглото на нашата болест и од погубната немоќ повикуваме кон Тебе- Човекољубецот. Сега ги простираме очите на срцето, и бараме здравје. Посети нѐ, Спасителе, и подигни нѐ за да пееме: луѓе превознесете Го во сите векови.

Милостиво се облече во нашата немоќ и посака да им се уподобиш на луѓето, по молитвите на Твоите преподобни, спаси нѐ нас кои очајуваме. Подигни  нѐ од гробот на очајанието за да пееме: момчиња благословете Го, свештеници воспејте Го, луѓе превознесете Го во сите векови.

Слава: Создателу на природата, Дарителу на исцеленија, Кој имаш бездна на штедрост, и Понор на милосрдие, Долготрпеливи, посети ги Твоите луѓе и оживи ги обземените од погубна немоќ, за да пеат: свештеници воспејте Го, луѓе превознесете Го во сите векови.

И сега, Богородичен: Крепка Помошнице и сигурно Застапништво, Надеж на очајниците, Пренепорочна, посети ги рабите Твои, кои болно страдаат. Олесни им ја тежината на горката немоќ, отстрани ја маката од погубната болест и спаси ги Твоите раби, Дево Богородице.

Катавасија: Избави ги од беди:

Песна 9

Ирмос: Се ужасна заради ова Небото, и се восхитија краиштата на земјата, оти Бог се јави човек плотски, и Твојата утроба стана попространа од небесата. Затоа, Тебе Богородице, чиноначалијата на ангелите и луѓето Те величаат.

Велики и непреброиви големи чудеса си сторил Бесмртни. На Твоите раби, Боже, како Милостив, покажи им ги Твоите милости, и од болеста која сега нѐ обзела, ослободи нѐ, по молењата на Онаа Која Те роди и хорот на Твоите страстотрпци.

По молитвите на ангелите, архангелите и пророците, апостолите, мачениците, преподобните, ерарсите и свештеномачениците Твои, плачот на Твоите раби, Сесилни, претвори го во радост. Исцели ја болеста, олесни ги неволјите и подари ни здравје.

Слава: Те молиме, Лекару на душите и телата, богат во милоста Господи: исцели ги нашите многу страдања, избави нѐ од болестите и тагите, како Милостив и единствен Добротвор, и спасувај ги тие што со чиста вера Те величаат.

И сега, Богородичен: Родителке на Штедриот и Милостивиот, Владика, Создател и Господ, сега на нас покажи ги Твоите вообичаени милости, и од лутата болест која сега нѐ истоштува, избави нѐ Дево Богородице, и подај ни здравје, за непрестано да Те величаме.

Катавасија: Избави ги од беди:

По деветтата песна говориме:

Достојно е навистина Блажена да Те нарекуваме Тебе, Богородице. Присноблажена и пренепорочна и Мајко на нашиот Бог. Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Бога Словото девствено што го роди, Тебе- вистинската Богородица, ние те величаме.

Потоа, Трисвето. Пресвета Троице: Оче наш: Свештеникот: Зашто Твое е Царството:

И овие топари на глас 2.:

Помилуј нè, Господи, помилуј нè, зашто никакво оправдание немајќи, оваа молитва, како на Владика, ние грешните Ти ја принесуваме: „Помилуј нè“

Слава: Господи, помилуј нè, на Тебе се надеваме. Не гневи се силно на нас и не спомнувај ги беззаконијата наши, туку погледни и сега како Благоутробен и избави нè од противниците наши. Зашто Ти си Бог наш, а ние сме луѓето Твои, сите дело на рацете Твои сме и името Твое го призиваме.

И сега: Дверите на милосрдието отвори ни ги, благословена Богородице, за да не погинеме ние кои на Тебе се надеваме, туку преку Тебе од маките да се избавиме. Зашто Ти си спасение на родот христијански.

Потоа свештеникот кажува сугуба ектенија со овие дополнителни прозби:

Згрешивме и беззаконувавме и заради тоа нè стигна Твојот праведен гнев, Господи Боже наш и нè опколи смртната сенка и се приближивме кон адските врати. Но кон Тебе, нашиот Бог, во нашата болест умилно повикуваме: поштеди, поштеди ги Твоите луѓе и не погубувај ги до крајот, смирено Ти се молиме, услиши нè и помилуј.

Господи, Кој владееш со смртта и животот, не затворај ги во смрт душите на Твоите раби, но прекини го гневот и остави ја јароста, зашто исчезнуваат како чад нашите дни и се исуши крепоста наша и погинуваме до крајот заради нашите гревови. Биди им милостив на Твоите раби, во покајание со солзи Ти се молиме, услиши нè и помилуј.

Спомни си Господи, дека сме тело, дух што оди и не се враќа, и милостиво одврати го Твојот гнев, праведно насочен на нас, со кој како меч во невреме нè посетуваш, запри ја болеста и отстрани ја маката, која изненадно нè погубува. Оти нема мртвите да Те фалат, ниту оние што слегуваат во адот, туку ние живите Те славиме, и со бол во срцата Ти се молиме, услиши нè и помилуј.

Повеќе од сите Ти згрешивме и беззаконувавме, Владико, и иако не стекнавме покајание, овој наш принос наместо покајание прими го и покажи се милостив. Од смртоносната болест и лутата мака, како Сесилен, ослободи ги Твоите раби, болно липајќи Ти се молиме, услиши нè и помилуј.

Не спомнувај ги беззаконијата и неправдите на Твоите луѓе и не влегувај во суд со Твоите раби, оттргни го гневот Свој од Твоите слуги. Ако гледаш на беззаконијата, Господи, кој ќе остане? Прав и пепел сме и нашиот состав е како ништо пред Тебе. Но како Милосрден и Човекољубец, смилувај се и не погубувај нè во Твојот гнев со нашите беззаконија, Ти се молиме, Преблаг Боже, услиши нè и помилуј.

Не ја сакаш смртта на грешникот, туку да се обрати и да биде жив, како Извор на животот, оживотвори нè нас, достојните за смрт, со Твојот праведен суд. Оти си Бог кој владее со живите и мртвите и не погубувај нè во гневот на Твојата закана, во горчината на срцата со силен повик и солзи Ти се молиме, услиши нè и помилуј.

Милостиво погледај Господи на страдањето на Твоите луѓе и смилостиви се и заповедај му на ангелот кој ја прострел својата рака за да нè погуби сите нас, како што некогаш при Давида си заповедал, за сега да престане и да ја задржи својата рака за да не нè погуби до крајот. Оти и ние во покајание исповедајќи Ти се, како Давид повикуваме: згрешивме и беззаконувавме и не сме достојни за Твоето милосрдие, но Ти самиот како Штедар, заради Твојата единствена добросрдечност биди умолен, покажи ги Твоите древни милости и поштеди ги луѓето и овците од Твоето пасиште, Ти се молиме, брзо услиши нè и помилуј.

И по возгласот Услиши нè Боже:, вели: Со умиление пак и пак коленопреклоно да се помолиме на Господа

Молитва

Господи, Боже наш, погледни од Својата света висина врз нас Твоите грешни и недостојни слуги, коишто со нашите беззаконија ја разгневивме Твојата добросрдечност, не влегувај во суд со Твоите раби, сопри го Твојот праведен гнев, смиро го Твоето погубно негодување, сопри го Својот страшен меч, којшто невидливо и безмерно нè посекува, сожали ги горките и бедни Твои раби и не затворај ги во смрт нашите души, коишто во покајание и со скрушено срце припаѓаат кон Тебе, милосрдниот, милостивиот и снисходителниот наш Бог. Зашто во Твоја власт е да нè милуваш и спасуваш, Боже наш, и затоа ние Те прославуваме, Тебе, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

И отпуст.

Извор: Молебное пение во время губительного поветрия и смертоносныя заразы

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s