
Што се соништата и виденијата и која е разликата помеѓу нив?
Ви одговарам со зборовите на свети Јован Лествичник кој вели: „ Сонот е движење на умот во времето на мирување на телото. А привидението (лажно видение) е измама на очите, кога свеста спие. Привидението е напуштање на умот, додека телото е будно. Привидението е гледање на нешто без испостас (непостоечко).” (Лествица, слово 3) Ете тоа се соништата и виденијата. Има два вида- добри и зли соништа и виденија. Добрите се од Бога, преку нив се открива Неговата волја, но само на оние кои целосно совршени и свети и кои ги вршат Неговите свети заповеди. Таков бил праведниот Јосиф, на кого во сон му се јавил архангелот Гаврил и му заповедал да бега со Богомладенецот и Богородица во Египет. Добрите соништа се од ангелите и нѐ потсетуваат на смртта и осудата, а откако ќе се разбудиме нѐ поттикнуваат на молитва и покајание. Лошите, пак, соништа и виденија се од демоните преправени во светлосни ангели или светци, и во сонот нѐ мамат дека сме добри и достојни за рајот, а кога ќе се разбудиме “тонеме во гордост и радост.”
Дали е грев да се верува во соништа и виденија?
Свети Јован Лествичник вели дека „оној кој верува во соништа е како оној која трча по својата сенка и се обидува да ја фати.“ Исто така вели: „демоните на суетната слава се пророци во соништата. Тие со својата лукавост откриваат знаци на идни настани и однапред ни ги објавуваат. И ако виденијата се остварат, се воодушевуваме и се гордееме, мислејќи дека имаме дар на прозорливост. Оние кои ги слушаат демоните често стануваат лажни пророци. “ Тој продолжува: „Демоните не знаат ништо за иднината според предзнаење. И лекарите може однапред да ни кажат дека ќе умреме. “ Тој заклучува: „Кога ќе почнеме да им веруваме на демоните во сон, тие ни се потсмеваат и на јаве. Оној кој верува во соништа и привиденија во сон е неискусен. А оној кој не верува во нив е философ.“
Значи грев е да се верува во соништа и виденија, бидејќи преку нив демоните лесно нѐ заблудуваат и нѐ фрлаат во страшниот грев на гордост и суета, до тој степен што човекот повеќе верува на себеси, отколку на словото Божјо. Со вакво вешто искушување, демоните измамиле многу мирјани и монаси, фрлајќи во бездната на пропаста. Ако некој се сомнева во својот сон или видение, нека се исповеда кај својот свештеник и нека побара совет, бидејќи преку духовникот говори Бог.
Зошто христијаните се измамени од суетни соништа и виденија?
Има седум причини заради кои христијаните се измамени и веруваат дека соништа и виденија се од Бога. Прво гордост; па суета- која е ќерка на гордоста, слаб и неискусен ум; неразумната ревност на некои христијани, кои многу се молат и постат само да имаат виденија, за нив свети Исаак Сирин вели: „Болен е од тешка болест, оној кој има зла ревност“. Петтата причина е непослушанието кон духовникот и тврдоглавоста на некои верници- посебно горделивите, кои се лесен плен за ѓаволот; шестата причина е кај оние кои неисправно се исповедаат и имаат неисповедани гревови. Последната причина е неспособноста за самопознание и нечитањето на Светото Писмо и светите отци.
Во Мудроста Сирахова се вели: „Баењата, претскажувањата и соништата се бесмислени,…, соништата мнозина заблудиле и оние што верувале во нив пропаднале “ (Мудр. Сир. 34:5-7). Оние кои лесно веруваат во соништа и виденија, без многу испитување и советување, треба да добијат епитимија, еднаква на оние што одат кај бајачи и гатачи, одлачување на 7 години.


