[Овој собор е одржан во 340 год., против лажното учење на евстатијанците (според Евстатиј еп. Севастијски). Овие еретици проповедале против-евангелски аскетизам. Донесените 20 правила ги осудуваат нивните лажни учења за бракот, подвижништвото и црковните собранија. Отците на овој Собор неспорно велат дека подвижништво може да има само во Црквата, и тоа во склад со Светото Писмо и Преданието. Вистинското подвижништво е свето и богоугодно нешто и како такво е за секоја пофалба и уважување. Но, кога под плаштот на подвижништво, се пројавува човечката горделивост и се руши Црквата и Нејзиниот поредок, се отвора пат за нови верски друштва, кои не може да го носат името Црква.]
Правило 1.
Ако некој го осудува бракот, и се гади од жената, која спие со својот маж, а е верна и побожна , и ѝ вели дека таа не може да влезе во Царството [Божјо], нека е анатема.
Правило 2.
Ако некој го осудува и вели дека не може да има надеж на спасение оној којшто е побожен и благочестив и јаде месо, а се воздржува од јадење крв, од идолски принос и од удавено, и, нека е анатема.
Правило 3.
Оној којшто го наговора робот ,под изговорот на побожноста, да го презре својот господар, да избегнува служење, и дека не е должен со добра волја и со секакво почитување, да му служи на својот господар, нека е анатема.
Правило 4.
Оној кој тврди дека од оженет презвитер не треба да се зема причесна, кога тој служи, нека е анатема.
Правило 5.
Оној кој вели дека треба да се презира домот Божји, и собранијата кои стануваат во него, нека е анатема.
Правило 6.
Оној кој сака, надвор од Црквата, да држи свои собранија,и презирајќи ја онаа во Црквата, врши служби, какви што може да има само во Црквата, а таму нема презвитер овластен од епископот, нека е анатема.
Правило 7.
Оној кој сака за себе да зема од плодовите што се принесуваат во Црквата, или ги дели вон Црквата, а без согласност од епископот, или на оној кој е поверен над истите, и не постапува по неговото упатство, нека е анатема.
Правило 8.
Оној кој дава или прима приноси од плодовите, без епископот, или оној кој е од него поставен, нека е анатема, и оној кој така дава и оној кој прима.
Правило 9.
Оној кој се предава на девственост и воздржување, не заради тоа што девственоста е по себе добра и света, туку бидејќи се гади од бракот, нека е анатема.
Правило 10.
Оној кој води девствен живот заради Господа, и заради тоа се горди над оние кои се оженети, нека е анатема.
Правило 11.
Оној кој ги презира тие што според верата приредуваат трпези на љубовта и на истите ги повикуваат браќата во чест на Господа, па ги одбива поканите бидејќи сето тоа го омаловажува, нека е анатема.
Правило 12.
Оној маж кој заради наводно подвизување во доброто, носи груба горна облека, и како да е заради тоа праведен, ги осудува оние кои носат свилена облека, и се служат со обична и секојдневна облека, нека е анатема.
Правило 13.
Онаа жена која заради наводно подвизување во доброто, ја промени облеката, и наместо обични женски алишта, облече машки, нека е анатема.
Правило 14.
Онаа жена која ќе го остави својот маж, и си замине од него бидејќи се гади од бракот, нека е анатема.
Правило 15.
Оној кој ќе ги остави своите деца, и не се грижи за нив, воспитувајќи ги, колку може, на побожен живот, под изговорот на подвизување во доброто, нека е анатема.
Правило 16.
Оние деца, кои под изговорот на побожноста, ќе ги остават своите родители, особено ако православно веруваат, и не им ја дава заслужената чест, сметајќи ја почесна својата побожност, нека се анатема.
Правило 17.
Онаа жена која заради наводно подвизување во доброто, ќе ја пресече својата коса, која Бог ѝ ја дал да се потсетува на својата потчинетост, па со тоа ја повредува својата потчинетост, нека е анатема.
Правило 18.
Оној кој заради наводно подвизување во доброто, пости во недела, нека е анатема.
Правило 19.
Ако некој од подвижниците во добро, се возгорди, и без телесна потреба не ги извршува постите кои се предадени за сите и кои Црквата ги чува, и при тоа е во полна свест, нека е анатема.
Правило 20.
Оној кој дрско и од што се гади, ги осудува собранијата во чест на мачениците, или службите во нивен спомен, нека е анатема.
Заклучок
И ова го пропишуваме, не да ги исклучиме, оние кои по сакаат според Светото Писмо да се подвизуваат во Црквата Божја, туку оние кои што под плаштот на подвизување во доброто, поведени од својата горделивост, се вознесуваат над оние што живеат поедноставно, и наспроти Светото Писмо и црковните правила воведуваат новотарии. Според тоа, ние ја цениме девственоста, проследена со смирение, и го уважуваме воздржувањето, кога тоа станува достоинствено и со побожност, го одобруваме повлекувањето од светските работи, кога е со смирение, ние ја почитуваме чесната брачна врска, ние не го осудуваме богатството, кое е по правда и со доброчинство, даваме пофалба на едноставноста и умереноста во облекувањето, кое без непотребни украси, служи да се покрие телото, а осудуваме кога во облекувањето се тежнее кон раскош; ние им оддаваме потполна почит на Божјите домови и ги сметаме за свети и корисни, собирите во нив, не ограничувајќи ја побожноста само на тие домови, туку го почитуваме и секое друго место, кое е подигнато во името Божјо; ние ја уважуваме заедничката служба која се врши во Црквата, заради општо добро, и им даваме пофалба на браќата, кои по Преданието, им даваат помош на сиромашните во име на Црквата. Со еден збор, ние сакаме во Црквата да биде сочувано, она што ѝ е предадено со Светото Писмо и апостолското предание.
Обработка според: Св. исп. Никодим Далматински – Правила Православне Цркве с тумачењима (књ. 2)


