Светите славни и добропобедни новојавени маченици Рафаил, Николај, Ирина и другите со нив биле маченички убиени од страна на Турците, на островот Митилина (Лесвос) во Грција. Свети Рафаил бил игумен на манастирот во селото Терми на островот, свети Николај бил јероѓакон во манастирот, а света Ирина била 12-годишната ќерка на кметот на Терми. Со нив пострадале и селскиот учител, таткото на св. Ирина- Василиј и нејзината постара братучетка Елена.
Свети Рафаил се родил од побожни родители Дионисиј и Марија на островот Итака околу 1410 год. На крштението го добил името Георгиј. Бил во византиската војска и се стекнал со висок чин. На 35 годишна ворзраст се замонашил и бил ракоположен за јеромонах, а подоцна станал и архимандрит. Служел како парохиски свештеник во Атина. Станал и протосингел на цариградскиот патријарх, кој често го праќал на теолошки расправи со Латините низ Европа.
Свети Николај бил родум од Солун, син на богати родители кои го пратиле на школување во Франција, каде се запознал со свети Рафаил. По замонашувањето добил ѓаконска хиротонија.
Тие биле дел од групата цариградски клирици кои остро се спротивставиле на срамната Флорентинска унија (заедно со свети Марко Ефески, неговиот брат Јован, Георгиј Схолариј- подоцнежниот вселенски патријарх Генадиј). Кога папскиот кардинал Исидор служел литургија во Света Софија во Цариград, на која пред царот Константин биле прочитани одлуките на соборот од Фиренца (1438-1439), свети Рафаил и Николај одбиле да присуствуваат и да сослужуваат. Заради тоа, царот ги протерал во Македонија.
По падот на Цариград (1453 г.) заедно со група бегалци преку Александруполис стигнале на Митилина, кој се` уште не бил освоен од Турците. Свети Рафаил и Николај се населиле во манастирот на Рождеството на пресвета Богородица близу Терми.
На Велики Вторник 1463 г., турски војници го нападнале селото. Селскиот учител Теодор и семејството на кметот Василиј заминале да се скријат во манастирот, а останатите селани заминале во планините. На Велики Четврток, по литургијата, Агарјаните дошле до манастирот, го врзале игуменот Рафаил за дрво и почнале да го измачуваат. На Светол Вторник (9. април) му ја отсекле главата со пила преку вилицата. Свети Николај видно потресен од маченичката смрт на својот духовник, починал од срцев удар по кратко измачување. Света Ирина била измачувана пред нејзините родители, и` била отсечена десната рака, а потоа жива ја спалиле во глинен сад. Учителот бил обезглавен, а биле измачени и погубени и останатите присутни христијани. Нивните тела биле чесно погребани во близина на манастирот кој бил разрушен и спален од Турците.
Споменот за нивното свето мачеништво со текот на времето избледел. Меѓутоа, кај месното население останал благочестивиот обичај да служат света литургија секој Светол вторник покрај разрушениот манастир. Од време на време, многу христијани и Турци, имале видение на монах со каделница. Затоа ридот го нарекле Калогерос.
Во 1959 г. таму бил изграден параклис и бил пронајден дел од благоуханите мошти на свети Рафаил. На тоа место биле пронајдени и ракописни евангелија и Христова икона. Потоа, на повеќе локални жители почнале да им се јавуваат светите маченици, заедно или посебно. Тие им ги откриле своите имиња и начинот на кој пострадале. Свети Рафаил го открил местото каде била закопана неговата чесна глава. Моштите на свети Николај биле пронајдени на 13.06.1960г. Гробот и моштите на света Ирина, потемнети од оган, биле пронајдени откако светите маченици го посочиле местото каде се закопани во 1961 год. На ова место биле пронајдени и моштите на игуменијата Олимпија, која маченички пострадала во 1235г. при напад на пирати.
Меѓу луѓето кои имале виденија на светите маченици се митрополитот на Митилина Јаковос, неколку угледни свештеници и познатиот иконописец и писател Фотиј Контоглу. Тој ја зографисал и нивната прва икона, а о. Герасим од светогорскиот скит Мала Света Ана ја напишал нивната служба.
По молитвите на светите маченици Рафаил, Николај и Ирина новојавени, се извршени бројни чудесни исцелувања, многу очајни се утешени, а многу неверници и отстапници се вратени во спасителното лоно на Црквата.
Иако мачеништвото на овие новојавени маченици било пред повеќе од 500 години, нивното појавување како живи личности е доказ дека нашиот Бог е Бог на живите, а не на мртвите, како и сведоштво на Воскресението.
Светата Црква нивниот спомен го врши на Светол Вторник и на 9/22. април.


