„На мојата стража ќе застанам“, вели чудесниот Авакум (Авак. 2,1). Застанувам со него сега и јас, според- од Духот дадената ми власт и созерцание; ќе набљудувам и ќе разберам, што ќе ми биде покажано и што ќе ми биде речено. Стоев и гледав, и видов маж, кој слегуваше од облаците, маж мошне висок, лицето му беше како лице на Ангел, а одеждите како блесок на заслепувачка молња. Ја простре својата рака кон исток, и воскликна со громовен глас, а гласот му беше како глас на труба, и околу него стоеше некакво множество од небесно воинство и рече: „Сега настана спасението на светот, на светот видлив и на светот невидлив, Христос воскресна од мртвите- воскреснете со него и вие, Христос е надвор од гробот- ослободете се од прангите на гревот; се отвораат вратите на адот, смртта се уништува, стариот Адам се разрешува, се образува нов, зашто, оној што е со Христа, тој е нова твар; обновете се сите.“ Така рече ангелот, а другите го запеаја она, што и порано го пееја, кога ни се јави Христос преку земното раѓање: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14).
Со нив и јас- о, кога би имал глас достоен за ангелска песна, со кој би се огласил до краиштата на светот- вака ќе проповедам: „Пасха! Господова Пасха!“ – и пак ќе речам во чест на Света Троица : „Пасха!“ Таа е наш празник над празниците и торжество над торжествата. Таа толку ги превосходи сите торжества, не само човечките и земните, туку и Христовите и за Христа определените, колку што сонцето ги надминува ѕвездите, Кај нас се` сјаеше и блескаше во прекрасна светлина, со која ние си ги исполнивте и нашите домови, и заедничките места, кога луѓето од секоја возраст и од секое достоинство обилно и штедро ја осветлија ноќта, како символ на великата светлина, која небесата ја излеваат врз целиот свет. Меѓутоа, поблескава и попрекрасна светлина е сегашнава светлозарност, зашто вчерашната светлина беше предвесник на великата и воскресна светлина, како некаква претпразненствена радост- сега,пак, го чувствуваме самото воскресение, се` уште неочекувано, но веќе извршено, кое со себе го измири целиот свет.
Таков е празникот, кого ти сега го празнуваш ! Таков е пирот, кој ти се нуди во денот на рождеството на Оној, Кој заради тебе се роди, и во денот на погребението на Оној, Кој заради тебе пострада. Такво е за тебе таинството на Пасхата. Тоа го пропишал законот, тоа го извршил Христос- Разорителот на мртвата буква, Исполнителот на духот. Со своите страданија, Он не` учи како да страдаме, а со Своето прославување ни дава можност со Него да се прославиме. Ако му подражуваме- ќе се ослободиме од гревот, од Египет. Огнен столб ќе не` води дење и ноќе во животот, пустината ќе постане плодородна, морето ќе се раздели, фараонот ќе биде потопен, манна ќе оросува, карпата ќе изнедри вода, Амалик ќе биде победен, крстот ќе восторжествува.
Извор: Православен молитвеник, превел игумен Методиј Златанов


